Манасков: Реално денеска бевме далеку од победата

Македонската ракометна репрезентација го забележа првиот пораз на Мундијалот во Данска и Германија. Подобра од момците на Раул Гонзалес беше Хрватска која славеше со убедливи 31-22,и стигна до својата трета победа во третиот одигран натпревар на СП.

Еден од подобрите поединци во нашиот состав вечерва беше левото крило Дејан Манасков кој успеа да постигне шест погодоци, кои не беа доволни за позитивен резултат против Хрватска. Според Манасков Македонија вечерва се обиде да ја изненади Хрватска со играта 7 на 6, но и покрај сите обиди, “црвено-жолтите” беа далеку од победата вечерва.

“Пред натпреварот знаевме дека ќе биде доста тешко дека Хрватска е доста квалитетна репрезентација. Се обидовме да ги разбиеме со тактиката 7 на 6, создадовме многу шанси но промашивме многу зицери. Сепак мислам дека денеска бевме многу далеку од победа, нивниот голман беше одличен, имавме и добри и лоши моменти а тоа денеска скапо не чинеше. Мислам дека заслужено победија, а ние имаме уште две шанси да се обидеме да се пласираме во вториот круг”- заврши репрезентативното лево крило.