Малкумина ги познаваат, а ракометот е незамислив без нив!

Кога станува збор за ракометот, вниманието на јавноста е секогаш насочено кон главните актери на ракометниот терен – играчите. Позади ракометна машинерија работи поголем број професионалци кои се грижат навивачите на крајот на денот да заминат задоволни од одгледаниот натпревар. Важна улога во целата ракометна приказна им припаѓа и на физотерапевтите кои се тука да регираат брзо доколку дојде до некои несакани повреди на играчите.

Во таборот на ЖРК Вардар оваа функција му припаѓа на тандемот Бојана Божиновска и Рубинчо Србиноски. Во последните две сезони македонскиот шампион се соочи со голем број повреди, а двајцата физиотерапевти професионално ја вршеа својата должност и во координација со докторите и кондицискиот тренер ги одржуваа вардарки во врвна физичка форма. Секојденвната работа на тренизи и натпревари изгледа „мачно“, но двајцата физиотерепевти своите работни обврски ги извршуват секогаш навремено и со огромна посветеност и внимание.

Какви работни обврски се дел од работата на физиотерепевтите, и како изгледа едно секојднениве на луѓето кои се грижат ракометарите да го дадат својот максимум во Вардар прочитајте во интервјуто на 24ракомет.мк

Како дојде до вашиот ангажман во Вардар?

Бојана: По контакт со директорот Давор Стојановски и условите што ми беа понудени, едноставно се соочив со предизвик што не можеше да се одбие. За мене претставуваше огромна чест и задоволство да се вклучам во еден таков голем и амбициозен проект.

Рубин: Со оглед на моето големо работно искуство и долгогодишната соработка со Индира Кастратовиќ, дојде до контакт со управата на ЖРК Вардар и на мое големо задоволство остваривме високопрофесионална соработка.

Како изгледа едно ваше секојдневие на работа?

Рубин: Наша практика е речиси секојдневно наутро и попладне, еден час пред тренингот, додека трае и потоа, максимално да им овозможиме стручна помош на ракометарките, особено на оние што имаат некаква повреда. Но нашиот работен ден не трае само додека се тренинзите, ракометарките контактираат со нас 24 часа за секаков вид помош.

vardarcitehnikabcd-6

Дали е напорно да се работи со спортисти, имајќи предвид дека се работи за многу различни карактери?

Бојана: Во нашиот клуб станува збор за професионални спортисти, така што секој својот карактер си го приспособува на работните потреби и обврски, па поради тоа речиси воопшто не доаѓа до некоја ситуација што би можела да се нарече напорна. Всушност заемната соработка во нашиот клуб е издигната на високопрофесионално ниво.

Дали вардарки ги слушаат вашите совети?

Рубин: Двајцата се трудиме да им помогнеме максимално, а притоа многу внимаваме и на начинот на кој им ги даваме советите, бидејќи професионалноста ни наметнува да одржуваме ниво на комуникација што ќе придонесе за побрзо закрепнување. Засега сметаме дека имаме воспоставено одлична комуникациска врска физиотерапевт – спортист.

Има ли некоја интересна случка за споделување со јавноста?

Бојана: Сè интересно што се случило веќе е споделено со јавноста, а она што не е споделено – едноставно значи дека така треба и да остане.

Која од ракометарките е најголема „плачка“?

Рубин: Генерално, сите вардарки се големи борци и максимално издржливи. Самата нивна професија е борба за што поголем успех и тие се искалени во силни девојки.

vardarcitehnikabcd-3

Се случило ли да влезете во конфликт со некој играч? 

Бојана: Понекогаш за време на натпревар се случува спортистот, и покрај повреда, упорно да инсистира да го даде својот максимум, но се трудиме никогаш да не дојде до конфликт, бидејќи здравјето е пред сèПри повреда на натпревар треба за кратко време да се донесе одлука што ќе биде најдобра за повредената спортистка, меѓутоа тоа да не се одрази на тимската ефикасност во натпреварот. Накратко, мора да се донесе одлука што ќе даде совршено здравствено и резултатско решение. Така што едноставно нема простор за конфликти.

Кои се најчести повреди кај ракометарите?

Рубин: Во денешно време, кога ракометната игра е многу брза, експлозивна и со премногу агресивни контакти, за жал многу често се случуваат секаков вид повреди – од оние најлесните, за чие заздравување се потребни само неколку дена, до потешки, кои и по неколку месеци ги отстрануваат ракометарките од теренот. Еве на пример меѓу најчестите е истегнувањето на мускули, лигаменти и тетиви т.е. мекоткивните повреди.

Со какви посериозни повреди се соочија ракометарките оваа сезона?

Бојана: За среќа, оваа сезона немаше посериозно повредени ракометарки, со исклучок на Андреа Лекиќ, која успеа да издржи докрај и по натпреварувачката сезона да се подложи на оперативен зафат на Ахиловата тетива. За нејзина и наша среќа сè помина во најдобар ред. И, нормално, очекуваме да ни се врати посилна од кога било.

Раскажете ни нешто интересно од соблекувалната во времето на Кометал (Рубинчо) и на Вардар (Бојана).

Рубин: Со оглед на тоа што соблекувалната и физиотерапевтската просторија во Кометал беа буквално една соба, 5-6 квадрати, секојдневно имаше спектакуларни случки – не е лесно еден физиотерапевт да се справи со 15 жени во пет квадрати.

Бојана: Како особено интересен момент за Вардар можам да го издвојам тоа што девојките по тренинг се опуштаат и релаксираат со гласна музика во соблекувалната и буквално со танцување си ја пренесуваат позитивната енергија една на друга.

vardarcitehnikabcd-4

Дали сте задоволни од условите за работа со повредените играчи во Вардар?

Бојана: Благодарение на тоа што Вардар го има модерниот и современ спортски центар „Јане Сандански“, условите за работа се речиси совршени. И медицинскиот тим и спортистите секојдневно имаат на располагање најсовремени медицински апарати, спа, базен, фитнес-сала и уште многу други можности за комплетно одржување на здравјето и на формата.

Како се одвива процесот на враќање од повреда?

Рубин: По повреда, враќањето на теренот е индивидуално кај секого. Всушност тоа е една заедничка мисија и координираност на медицинскиот тим, тренерите и повредениот спортист.

Што значи за вас да бидете дел од еден колектив како што е Вардар?

Бојана: Да се биде дел од тим како што е Вардар, најуспешниот спортски бренд во Македонија, претставува огромна чест и привилегија. Меѓутоа тоа носи и голема одговорност и обврска за постојана максимална ангажираност, посветеност и надградба во рамките на нашата професија. Среќни сме што имаме можност да бидеме дел од македонски тим со голем европски успех, чие мото е „еден живот, една љубов“.

Кои се вашите планови и амбиции за во иднина?

Рубин: Планираме уште многу долго да се радуваме и да се гордееме со успесите на Вардар, а амбициите ни се насочени кон најдоброто – ракометниот врв.