Македонските репрезентативки од Галаци едногласни: Се надеваме на позитивни резултати

Почетокот на летото донесе два одлични трансфер за репрезентативките на Македонија – Дајана Јовановска и Елена Ливрниќ од Металург се преселија во редовите на романската екипа – Галаци. Македонските интернационалки веќе неколку недели тренираат за новиот клуб со кој што наскоро ги очекуваат нови возбудувања во едно од најдобрите првенства во Европа.

„Подготовките течат добро и тренираме доста напорно. Првата недела по нашето пристигнување трениравме во Галаци, а потоа следуваа сериозни подготовки во Гура Хуморулуи. Задоволна сум од условите и од тоа како сме прифатени од девојките во клубот. Девојките се борбени и атмосферата за работа е одлична, затоа се надевам на позитивни резултати.“ изјави Дајана Јовановска за 24Ракомет.

Елена Ливриниќ се надоврза, и истакна дека овој трансфер претставува вистински предизвик за неа, па затоа и големи се очекувањата од новиот клуб.

„После долгите години во Металург, ова е мое прво интернационално искуство и како такво само по себе ми носи нова средина, нови предизвици и секако и големи очекувања. Стравот од новото беше неизбежен, но при првата средба со девојките на терен исчезна. Предизвик е да се биде дел од оваа екипа која ја сочинуваме во најголем дел млади играчи, кои се надевам ќе го покажеме својот жар на терен.“

elena livrinikj

Екипата на Галаци вчера настапи на турнир во Крајова каде во првиот натпревар се сретна со Дунареа Браила. Токму македонските ракометарки имаа клучна улога во победата на нивната нова екипа што ветува добра сезона за репрезентативките на Македонија.

„Натпреварот беше многу тежок, со оглед на тоа дека Дунареа Бралиа е подобро рангиран противник и со поголемо искуство. Неизвесноста владееше во поголемиот дел од натпреварот но ние одржувавме постојано водство од 1 до 2 гола за на крајот да славиме победа со резултат 28-27. Најефикасен играч на овој натпревар беше Елена Ливрниќ со 9 погодоци, а јас бев втора на листата со 6 погодоци. Денес на програмата е натпреварот со домаќинот Крајова. “ заклучи Дајана Јовановска

Романскиот шампионат започнува на 3 септември со натпреварите од Супер купот во машка и женска конкуренција, токму септември е клучниот месец кој ќе го одреди правецот на Галаци и би можел да го трасира патот кон врвот на романската лига.