Македонија ќе има претставници на финалниот ден во Полска: Начевски и Николов ќе го судат натпреварот за трето место

Иако Македонија го заврши настапот на Европското првенство на единаесетата позиција, Македонија ќе има свои претставници на финалниот ден во Краков. Македонската судиска двојка Начевски и Николов ќе ја имаат честа да ја делат правдата на натпреварот за трето место, а победникот од малото финале ќе обезбеди директен пласман на Светското првенство во Франција.

Финалниот натпревар ЕХФ го додели на најдобриот судиски пар во светот, Данците Гјединг и Хансен, кои и судеа на Македонија во првиот дуел против Франција, а ја делеа правдата и вчера на мечот меѓу Хрватска и Полска, кој заврши со сензационална победа на Хрватите за влез во полуфинале.

На полуфиналниот ден, на натпреварот меѓу Норвешка и Германија правдата ќе ја делат Французите Пичон и Ревере, додека дуелот меѓу Хрватска и Шпанија ќе го судат Чесите Хорачек и Новтни.