Македонија со победа во Битола најави ново Европско првенство

Репрезентативците на Македонија одиграа одличен натпревар против селекцијата на Турција и со победа од 31;27 влегоа во квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Бодовите кои беа планирани од денешната пресметка беа освоени, а тоа беше и најважно од овој дуел против Турците.

Улогата на фаворит беше оправдана пред битолската публика каде после 13 години одново беше забележан квалификациски триумф и беше даден убав вовед за дуелот против Грција в недела во Кожани.

Македонија тргна сигурно уште од првиот напад. Играта беше сосема очекувана и веќе во 2. минута после две интервенции на Ристовски беше обезбедена предност од 2:0. Ова водство, сепак, беше мотив за противникот, кој успеа да израмни во 7. минута на 3:3.

Откако дојде до израмнување само уште при 4:4 репрезентативците на Турција издржаа и успеаја бидат во активен резултат по што Македонија одново дојде до плус два. Овој ритам беше задржан и во следните минути, а на средина од полувремето резултатот беше 8:6. Играа сите и се биеше од сите позиции што даваше шанса за сите ракометари да дојдат до погодоци.

После 10:8 дојде клучниот период во првото полувреме кога се создаде првпат плус четири гола, 12:8. Потоа во 25. минута беа обезбедени и највисоките плус пет гола од 14:9. Овие пет погодоци се држеа до крајот на првото полувреме, а на одмор се замина со резултат од 17:13.

Стартот на второто полувреме беше фуриозен. Македонија набрзина дојде до плус осум гола. За осум минути игра во вториот дел се обезбедија 23:15, па тука веќе стана јасно дека до крајот ќе треба да се одигра смирено за да се дојде до триумф. Работите одеа добро, но Турците не се предаваа. Успеаја да запрат неколку напади, па после 23:15 да стигнат до 24:20 што се случи во 43. минута.

Добро е што кризата се појави рано за да може да се интервенира и да се врати потребниот ритам со кој Македонија одново се врати на разлика која ќе даде можност за мирен финиш. Место тоа падна концентрацијата во нападот, па на почетокот на последните десет минути резултатот беше 26:23.

Сепак, кога требаше искуството дојде до израз. Не се форсираше до максимум туку се одработе толку колку што беше потребно за да се освојат двата бода, па на крајот Македонија се радуваше на победа во Битола против селекцијата на Турција.

МАКЕДОНИЈА – ТУРЦИЈА          31:27 (17:13)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 3500. Судии: Петер Херцег и Петер Суди од Унгарија. Делегат: Небојша Вујисиќ од Црна Гора.

МАКЕДОНИЈА: Ристовски (10 одб.), Томовски (3 одб., 1 сед.), Манасков 6, Велковски, Стоилов 4, Лазаров 8, Прибак 3, Талески 4, В. Маркоски, Н. Маркоски, Кузмановски, Георгеивски 4, Ф. Лазаров, Ојлески, Поповски, Пешевски 2.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 2 мин.

ТУРЦИЈА: Гунај (9 одб.), Пекташ 5, Ерсин 2, Пеливан 4, Арифоглу, Демирезен 2, Гектепе, Бичер 6, Гумушок, Налбантоглу 1, Х. Озтурк 4, Атеш, Ероз, Ч. Озтурк, Челеби, Сарак 2

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 4 мин.