Македонија поразена од светскиот шампион

Со денешниот натпревар против светскиот и олимписки шампион Франција, македонската експедиција официјално ја отвори неделата на ЕХФ. Во првиот од двата натпревари кои се предвидени за оваа седмица, Македонија пред своите навивачи во спортскиот центар „Борис Трајковски“ загуби од Франција со 25-27.
Македонија 25-27 Франција (13-15)
FLP_8216-2
Во почетните минути Гигу ја одржуваше предноста на гостите, првиот погодок за Македонија го постигна Јоновски, по што следуваше низа на Французите од три невозвратени погодоци за 1-4. Гостите ја одржуваа разликата до 10-та минута кога со погодокот на Лазаров од пенал започна серијата на Македонија од три голови во низа. Во 12-та минута Миркуловски го изедначи резултатот на 5-5. Македонија чекаше до 13-та минута за првото водство на натпреварот, Столе Стоилов со својот прв гол донесе минимална предност од 6-5. Французите се одржуваа во натпреварот со минимална негатива се до 22-та минута кога Гигу со два гола во низа ја врати резултатската предност кај „Експретите“, за 10-11. Во 28-та минута Порте беше прецизен за 12-14, а Карабатиќ го искористи невниманието во нападот на Македонија и со својот втор гол ја донесе највисоката предност за Франција од 12-15. До крајот на првиот дел Манасков ја намали предноста на светскиот шампион на само два гола, за конечни 13-15.
FLP_8374-2
На почетокот на второто полувреме Стоилов ја врати неизвесноста во натпреварот и намали на само еден гол заостаток 14-15. Во 35-та минута Гигу повторно беше иницијаторот на нов бран голови кој заврши во 36-та минута со четири погодоци предност за Французите 15-19. Во средината на вториот дел Франција преку Порте ја создаде највисоката предност од пет погодоци за 17-22. Но последните десет минути им припаднаа на ракометарите на Македонија.  Стоилов, Лазаров и Миркуловски ја враќаат Македонија во натпреварот, а во неизвесен финиш, Кирил Лазаров во 58-та минута го намалува резултатот на само еден гол разлика 25-26.  Кентин Махе го постигна последниот погодок на натпреварот за конечна победа на Франција од 25-27.
FLP_8352-2

Најпрецизни во селекцијата на Франција беа Гигу со шест и Н’гeсaн со пет. Во редовите на Македонија Лазаров беше стандардно најрасположен со осум погодоци, Манасков со пет и Стоилов со четири ја предводеа листата стрелци.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ