Македонија е на Светско: Победа со горчлив вкус за Романија

Сениорската ракометна репрезентација на Македонија обезбеди пласман на Светското првенство во ракомет 2019 година, чии домаќини ќе бидат Германија и Данска. Македонската селекција во Клуж-Напока го одигра возвратниот бараж дуел против селекцијата на Романија и откако во Скопје славеше со 32-24, вечерва со минимален пораз од 26-25(12-11) се радуваше на ново учество на едно големо натпреварување.

Избраниците на Чаби Пасквал влегоа со голем мотив на овој дуел, но по почетните 1-0, Македонија беше таа која ја контролираше играта и резултатот. Неколку интервенции на Ристовски, добра одбрана и избрзани удари на романските бекови беа причина по девет минути игра, Македонија да има предност од 1-4. Разликата се одржуваше до средина на првото полувреме кога Рамба со три голови во низа ја врати својата селекција во живот на овој дуел. Романците го 18. минута го изедначија резултатот на 7-7, Хумет Гаминде им го донесе првото водство по воведните 1-0, а во последните шест минути од првиот дел домаќините влегоа со „плус три“ (10-7). Во самиот финиш на првиот дел, Манасков  со два погодока и Стоилов со еден го изедначија реузлтатот на 11-11. Во трка со времето Романија успеа со предност да замине на пауза, откако пивотот на Романија со звукот на сирената беше прецизен за 12-11.

Манасков го отвори резултатот во второто полувреме и повторно го изедначи резултатот. Но недостасуваше свежа идеја во нападот на Македонија, на спротивната страна Романците беа максимално мотивирани и избрзаните удари кон македонскиот гол овојпат им одеа во полза на домаќините. Затоа по осум минути игра во вториот дел Романија создаде три голови предност. Македонија за момент го спречи налетот на домаќините и успеа да ја врати минималната негатива од полувремето. Манасков во 45. минута повторно го изедначи резултатот овојпат на 18-18, Чепреги возврати со брз гол, но потоа во следниот напад прецизен беше Гоце Георгиевски.

Македонија имаше шанса да ја врати контролата над резултатот, но Лазаров ја погоди стативата, а Чепреги на спротивната страна беше максимално прецизен за нова предност на Романија од 20-19. Во финишот на натпреварот домаќините ја казнуваа секоја грешка на Македонија, затоа и во последните седум минути Романија влезе со највисоки четири голови предност (24-20). Но среќата им го сврте грбот на Романците после тајм-аутот на Раул Гонзалез, Гионеа промаши клучен удар за  пет разлика, а потоа само се редеа грешките кои Филип Лазаров и Стоилов ги искористија да ја намалат разликата на два гола на само четири минути до крај на натпреварот. Тука некаде беше јасно дека Македонија ќе обезбеди мундијалска виза за 2019. Стоилов ја врати негативата од „минус еден“, а во последната минута Романија повторно имаше предност од два гола, 26-24, но Гоце Георгиевски стави точка на овој дуел и ги постави конечните 26-25.

Најпрецизен на теренот беше Дејан Манасков со 8 погодоци, Кирил Лазаров постигна 6, Георгиевски беше прецизен 4 пати, Стоилов постигна 4, Ф. Лазаров 2, а Талески 1 погодок. Десниот бек на Романија, Григораш беше најрасположен во својата селекција и постигна 9 голови, го следеа Чепреги со 4, како и Ракотеа и Рамба со по 3 постигнати погодоци.