Македонија го заврши Мундијалот со победа, денеска и се реваншираше на Аргентина

Кадетската репрезентација на Македонија го заврши Светското првенство со победа над Аргентина со што се реваншираше за поразот на стартот од шампионатот. Триумфот од 29:26 беше доволен на крајот да се освои 13. место.

Македонија имаше одличен старт. Во мечот е влезе без притисок и уште од првиот напад се тргна со водство кое постојано се зголемуваше. Почетните 2:0 брзо беа зголемени и Македонија постојано беше во предност поголема од четири гола. Грешките кои ги имаше во играта на Аргентина овозможуваа лесно да се доаѓа до позиција за удар, па Македонија го искористи ова за да стигне до посакуваното после првиот дел.

Неколку лесно запрени напади на Аргентина и лесни погодоци допринесоа на одмор да се замине со предност од високи седум гола, 15:8. Овие осум гола дојдоа и до девет, 18:9, но потоа дојде до пад во играта во нападот. Следуваа шутеви покрај гол, пад во концентрацијата и недоволна подвижност во одбраната што резултираше со големо намалување на предноста.

На нешто помалку од седум минути до крајот селекцијата на Аргентина намали на 21:24, но Младеновиќ со својот петти гол донесе 25:21 на шест минути до крајот. Овие четири гола главно се одржуваа бидејќи противникот успеа само да намалува на три погодоци, а не и да се доближи повеќе, па на крајот Македонија се избори за победа од 29:25 со што финишираше на првенството на 13. место.

МАКЕДОНИЈА – АРГЕНТИНА   29:26 (15:8)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи:300. Судии: Сеок Ли и Бо-Ок Ко од Кореја. Делегати: Татјана Медвед од Србија, Росица Димкова од Бугарија и Хавиер Моуре од Шпанија.

МАКЕДОНИЈА: Кизиќ (7 одб.), Петковски (1 одб.), Кондев 1/1, Џигероски 1/2, Мелоски, Ќосевски 3/4, Божиновски 3/4, Митиќ, Карапалевски 0/1, Симоноски 9/9, Серафимов 3/6, Костески 3/6, Младеновиќ 6/13, Ников, Ѓорѓиев 0/1, Гајиќ.

Седмерци: -, Исклучувања: 8 мин.

АРГЕНТИНА: Васкез (6 одб.), Виљареал (3 одб.), Арвена, С. Барсело Гарсија 4/4, Паез Аларкон 4/4, Форти 4/8, Баумгартнер 2/2, Елст 0/1, Фиљол Као 5/6, Паулони 2/4, Иглесијас 0/1, Јунг 0/2, Сантос 0/1, Унзнер 1/3, Ж. Барсело Гарсија 3/4, Виталер Павичиќ 1/5.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 6 мин.