Македонија бира селектор: Денич или Кљаиќ за жешкото столче!

Конкурсот што Ракометната федерација на Македонија го отвори пред една седмица веќе е завршен, па во следните неколку дена би требало да го добиеме новиот селектор на машката репрезентација што ќе седне на жешкото столче во продолжение на квалификациите за Европското првенство.

По заминувањето на шпанскиот стратег Раул Гонзалез од клупата на Македонија, се наметнуваа имињата на помошникот на селекторот Роберто Гарсија Парондо и селекторот на младинската репрезентација Данило Брестовац како преодно решение до завршување на квалификацискиот циклус за Европското првенство 2020. Но откако РФМ се одлучи да го бара новиот селектор преку конкурс беше многу веројатно дека ќе се појави ново име на кормилото на најдобриот репрезентативен колектив.

Куќата на ракометот во Македонија остава простор уште еден ден за пристигнување на потенцијални апликации испратени по пошта, па во среда комисијата за избор на нов селектор треба да го донесе наследникот на Раул Гонзалез.

Според неофицијални информации, досега се пристигнати мал број пријави, а во најтесната конкуренција за селекторското место засега се Словенецот Борис Денич и Хрватот Ненад Кљаиќ.

Поранешниот словенечки репрезентативец и селектор има сериозна биографија зад своето име. Тој пет години се задржа како селектор на Словенија, работеше како тренер во својата земја, но и во Белорусија и Катар, а беше селектор и на Саудиска Арабија на последното СП.

Ниту името на Ненад Кљаиќ  не е непознато. Тој исто како и Денич седеше на клупата на Саудиска Арабија, каде се задржа пет години, а работеше и во нивниот најдобар клуб Ал Рајан. Пред да замине за блискиот исток Кљаиќ ја предводеше клупата на хрватскиот шампион Загреб, во времето кога Кире Лазаров играше за хрватскиот првак. Се очекува оваа недела тој да се појави на разговори во Скопје.

Новиот селектор има краток период да се фати за работа, со оглед на тоа што од 8 до 14 април стартува ЕХФ неделата и подготовките за двете средби од квалификациите за континенталниот собир против Исланд.