Македонецот најдобар на терен: Димитриевски реди голови – Синфин реди победи

Како што ја завршија есенската полусезона, така ја почнаа пролетната. Тимот на Синфин Сантандер, каде игра македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски, забележа нова победа во Асобал лигата.

Синфин дома го победи составот на Теукро со 32-27 во натпревар од 16 коло, а нашиот ракометар беше најдобар на теренот со седум постигнати голови од 11 обиди. Покрај нападот, Димитриевски беше и стандардно добар во одбраната.

Сега Синфин има 17 бодови и се наоѓа на седмото место на табелата во Асобал, но тоа е само четири бодови помалку од второпласираната Бидасоа Ирун која има 21 бод. Во следното коло Синфин и Димитриевски ќе играат на гости кај Пуенте Хенил.