Лоте Григел: Ростов Дон има високи амбиции и тоа е важно за мене

Своевремено беше незамисливо во Русија да играат ракометарки од Скандинавија. Ако тогаш Суслина, Кареева, Полторацкаја, Дерјугина и останатите заминуваа во днаските клубови, сега во спротивна насока се селат ракометарки од Данска и Норвешка. Ростов во својот ростер ги има голманката Катрине Лунде и данскиот среден бек, Лоте Григел. Ракометарката која дури седум сезони беше член на Есбјерг, го има првото интернационално искуство на северот на Европа. За импресиите од Русија, за нејзиниот клуб, за настапите во Лигата на шампионите, прочитајте во интервјуто подолу.

Со двајца играчи и еден тренер, Русија стана атрактивна дестинација за Скандинавците. Што според Вас ја прави Русија толку посебна и популарна ракометна дестинација?

Мислам дека Ростов како клуб е популарна дестинација поради тоа што има високи амбиции, а тоа е многу значајно за секој играч. За мене е многу важно да бидам дел од тим кој сака да оди чекор понапред и да напредува во нагорна линија. Сите овде се професионалци и овој клуб има многу што да понуди.

Ростов беше непобедлив во Лигата на шампионите, сè додека не се сретнаа со ЦСМ Букурешт во четврт – финалето каде загубија. Во исто време тимот ја загуби и титулата во домашното првенство. Што според Вас беше причината за сето ова?

Во првиот дел од сезоната тимот играше неверојатно, но веќе при крајот мислам дека бевме физички и психички исцрпени. Како и да е мора да се спомене и фактот дека мечот со ЦСМ Букурешт беше доста изедначен, а и тие имаат навистина солиден тим. Мислам, а и се надевам дека нашиот тим извлече многу поуки од ова искуство и дека ќе го искористиме во наша полза за подобри резултати во сезоната пред нас.

12067139_10206276490984387_426333192_n

Раскажете ни малку за животот во Русија. По што се разликува од живеењето во Данска?

Навистина е многу поразлично од Данска, но девојките овде ми помагаат и прават да се чувствувам добредојдена. Излегуваме, се дружиме, по секој тренинг одиме на јадење заедно…Се трудиме да поминеме што повеќе време заедно надвор од ракометните терени, а тоа навистина многу значи кога си далеку од дома. Рускиот јазик ми е најголемиот проблем можеби, но луѓето овде се многу трпеливи со мене кога се трудам да им објаснам нешто.

Данската ракометна репрезентација продолжува да ги освојува младинските првенства. Според Вас, зошто е толку тешко успехот да се пренесе во сениорскиот национален состав?

Ова е многу добро но истовремено и тешко прашање. Мислам дека во Данска имаме одлични таленти, што се должи на извонредните тренери во младинскиот погон. Но сметам дека не може тоа туку така да се префрли во сениорскиот национален тим бидејќи кај сениорите сè е многу покомплексно. Одлуката е голема и мислам дека сме на вистинскиот пат. Во јануари оваа година прочитав напис од поранешен кондиционен тренер кој предлага неколку работи кои може да ги подобриме. Тој истакнува дека треба да поработиме многу повеќе на нашата физичка подготовка бидејќи нашите противници се многу пред нас. Јас си го зедов сето тоа при срце, но мислам дека тој е во право. Играта ја носиме во многу подинамична насока и мислам дека сите играчи во данскиот национален состав работат напорно за освојување на медали во иднина.

12033330_961320590581269_1182579060_n

Што мислите за новото правило за голмани?  Го практикувате ли во Ростов?

На почетокот бев скептична, бидејќи имаше реакции дека новото правило ќе ја уништи ракометната игра и сметав дека е навистина штета да се случи тоа. Но до сега правилото се покажа како добро. Едвај чекам да видам колку и како тимовите ќе го користат ова правило во своја полза. Добро е што се трудиме да ја модернизираме ракометната игра, па ако не функционира можеби пак ќе го променат, никогаш не се знае. Во Ростов сè уште не сме го примениле бидејќи до сега имавме само индивидуални и кондициони тренинзи, од причина што голем дел од ракометарките беа со своите национални тимови па немавме можност.

Ростов ќе ја комплетира „ групата на смртта“ во Лигата на шампионите. Како гледате на конкуренцијата во групната фаза?

Мислам дека името е баш соодветно „ група на смртта“ бидејќи сè може да се случи. Групата е многу интересна и сите тимови се доста добри. Сè уште е рано да се коментира нешто за натпреварувањето, но со сигурност може да се каже дека ќе има многу добри и интересни натпревари.

Англиската верзија е достапна на europamester.dk

ФОТО:24РАКОМЕТ