Лесни три за Вардар јуниор, Работнички загуби здив во вториот дел

Ракометарите на Вардар јуниор дојдоа до многу полесна победа од сите очекувања на гостувањето кај тимот на Работнички со 35:26. Овие три бода се значајни бидејќи се обезбедени против директен ривал во битката за опстанок во лигата.

Средбата мина во две различни полувремиња. Првиот дел беше израмнет во сите 30 минути. Работнички отвори подобро и тргна со 2:0 во натпреварот. Сепак, гостите брзо се вратија и израмнија на 3:3 по што беше многу полесно да се игра во продолжението од средбата.

Главно предноста беше еден гол за едниот или другиот тим и никој не успеваше да стигне до нешто повеќе. Со таква игра и беше завршено полувремето кое финишираше со предност за гостите од 16:15.

Во вториот дел на голот застана новопечениот сениорски репрезентативец, Марко Кизиќ, кој набрзина собра 5-6 одбрани и тука им стави до знаење на домашните дека нема да имаат многу шанси против него. И одбраната на Вардар јуниор функционираше далеку подобро така што за 18 минути игра во второто полувреме Работнички имаше само четири погодоци, а гостите десет и веќе беше јасно кој победува.

Мала надеж за Работнички се појави кога гостите останаа без Анѓелковски кој поцрвене по еден старт, а веднаш потоа имаше уште еден исклучен играч поради невнимание. Иако Вардар јуниор беше со двајца помалку ова не беше искористено од домашните, па до крајот само формално беше доработена задачата и немаше многу простор за надигрување. Вардар јуниор ги освои трите бода од овој дуел и барем до одигрувањето на дуелот Пелистер-Радовиш ќе се наоѓа на 6. позиција.

РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР ЈУНИОР          26:35 (15:16)

Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Виктор Начевски од Скопје и Даниело Божиновски од Битола. Делегат: Петре Климкаров од Велес.

РАБОТНИЧКИ: Куртановиќ, Петковски, Виларов, Осман, Михајловиќ, Гичев 3, Стефановски 1, Темелковски 2, Полијак 4, С. Кочаров, М. Кочаров, Палевски 7, Бошковски, Сулима 3, Илиевски 5, Барлакоски 1.

Седмерци: 5/7, Исклучувања: 14 мин.

ВАРДАР ЈУНИОР: Гогов, Кизиќ, Јанковски, Чакалиќ 4, Кукуловски 8, Гашовски, Јакимовски, Карапалевски 4, Андоноски, Анѓелковски, Анѓеловски, В. Крстевски, С. Крстевски 6, Атанасовски  4, Ќосевски 9, Дука.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 18 мин.