Лазаров: Само со национален набој и патриотизам можеме да им парираме на ривалите

Македонскиот национален тим со очекуван триумф над Јапонија (29-38) успеа да го стартува настапот на СП во Данска и Германија. “Црвено-жолтите” навидум немаа поголеми проблеми да стигнат до победата, но капитенот Лазаров потенцира дека на теренот не беше така, а посебно е внимателен за следниот натпревар каде за противник ја имаме репрезентацијата на Бахреин.

” Резултатот покажува дека сме стигнале лесно до победата но не беше така. Подолг период се подготвуваме и тоа вроди со плод, но реално ни беа потребни педесетина минути да го решиме овој натпревар. Искрено не ми се допаднаа некои работи, бидејќи имавме избрзани шутеви. Сепак како што кажав и претходно ова е една нова репрезентација која допрва треба да се гради и ќе созрева од натпревар во натпревар. Ова е голема победа за нас по која се зголемува самодовербата кај сите нас а посебно кај младите играчи.Ја слушнав изјавата на Столе во која вели дека сега би требало да биде полесно, дај боже да биде така, но лично сметам дека нема да биде воопшто лесно.Го гледав Бахреин против Катар, тоа е уште поцврста екипа. Сега треба да се одмориме, сите сте свесни дека имаме недостаток на квалитет кој можеме да го пополниме само со патриотизам и национален набој. Само со такво поставување можеме да им парираме на останатите, почнувајќи од Бахреин па понатака со останатите ривали”.- даде свое видување за денешниот и натпреварите кои следуваат капитенот Лазаров.