Лазаров: Позитивно размислуваме и ќе работиме напорно да го одржиме континуитетот на учество на големите натпреварувања

Еден од ракометарите кои сигурно ќе добијат поодговорна улога во репрезентацијата по пензионирањето на Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски е левиот бек на романскиот тим Темишвар, Филип Лазаров. Очекувањата од два квалификациски дуели со Украина и Чешка, Лазаров ги сподели со 24ракомет.

„Се договоривме до среда да размислуваме само за Украина. Се работи за квалитетна репрезентација, имаат традиција во ракометот и максимално ќе се подготвиме да го добиеме тој натпревар пред полни трибини. Репрезентацијата на некој начин е нова, без Мојсовски и Миркуловски кои беа носители во изминатите години. Сега сме комбинација на младост и искуство, позитивно размислуваме и ќе работиме напорно да го одржиме континуитетот на учество на големите натпреварувања. Не се предаваме против никој, одиме на победа.“ – започна Лазаров.

За тоа дали направи вистински избор со трансферот од македонскиот првак Вардар, во романскиот Поли Темишвар, Лазаров вели дека е задоволен.

„Повеќе добив отколку што изгубив со трансферот на Темишвар, најважно е тоа што имам голема минутажа, влегов во натпреварувачка форма. Мислам дека за овие три месеци одиграв повеќе натпревари отколку во последните две години во Вардар, иако таму квалитетот на првентството во Романија не е на рангот на ЛШ и СЕХА. Но, играме во Европа и одиграв неколку одлични натпревари, што секако би може да ми помогне во репрезентацијата. Мислам дека направив вистински избор што отидов во екипа каде сум еден од главните играчи и сега засега сум задоволен.“ – продолжува Лазаров.

Што се однесува до младите репрезентативци кои доаѓаат од Металург, Лазаров вели дека е голема предност за нив што играат секој трет ден квалитетни натпревари од ЛШ и СЕХА Лигата.

„Младите ракометари на Металург играат квалитетни натпревари во Лигата на шампионите и во СЕХА Лигата. Само преку натпревари може да се подигнува формата и квалитетот, посебно за млади играчи како што се тие. Оваа сезона тие сигурно напреднале, кој повеќе, кој помалку. Тоа секако ќе биде добро и за репрезентацијата, не само за Металург, бидејќи знаеме дека столбот на националниот тим е клубот од Автокаманда. Така беше порано, а ист случај е и сега. Тоа е голем плус што Македонците во Металург играат секој трет ден квалитетни натпревари и тоа сум сигурен дека ќе го зголеми квалитетот на репрезентацијата.“ – заврши Лазаров.