Лазаров одличен во убедливата победа на Нант

Нант запиша нови бодови на гостувањето кај Шартр во рамки на 4. коло во првенството на Франција. Екипата на Кирил Лазаров победи со убедливи 38:28, а капитенот на репрезентацијата на Македонија имаше добар настап на ова гостување. Тој постигна четири гола од шест обиди, сите од игра, а во неговата статистика запиша и две асистенции.

Нант имаше убедливо и многу ефикасно прво полувреме кое го доби со 22:10. Тука веќе беше познат победникот на натпреварот. Во продолжението Шартр успеа да намали до минус шест, но заостанувањето од првиот дел беше недостижно. На голот на Нант, Сирил Димулан беше извонреден со вкупно 16 интервенции.

Најефикасен во екипата на Нант беше Валеро Ривера со осум погодоци, Балагер и Калванти по петпати ја тресеа противничката мрежа. Во домашната екипа Виум со осум гола беше најпрецизен, а Никола Јукиќ беше втор стрелец во својот тим со шест погодоци.