Лазаров не можеше сам против Киелце!

Актуелниот европски првак беше непријатно изненаден на свој терен во „Блауграна“ и ја заврши оваа година со пораз во Лигата на шампионите.
Барселона имаше предност во текот на целото прво полувреме, а разликата достигна до максимални четири голови. Вториот дел ја пресуди судбината на домаќините. Предноста од три голови која беше запишана на крајот на првиот дел (19-16), до 37-та минута се истопи, а веќе во следните два напади Чупиќ и Штрлек им донесоа водство на гостите од два погодока.
Барселона ја одржуваше минималната негатива до последните 10 минути, а во 55-та минута за последен пат го изедначи резултатот. Киелце успеа да дојде до посакуваниот триумф во последните минути од натпреварот и со конечен резултат 31-33 обезбеди нови два бода во битката за подобар пласман. Кирил Лазаров имаше импресивни 12 погодоци од 14 удари на голот на Киелце, но тоа не беше доволно да се избегне втор пораз во елитното натпреварување оваа сезона. На спротивната страна Бјелицки постигна девет голови во победата на својот тим.