Лазаров најдобар стрелец на Барселона на почетокот на сезоната

Капитенот на македонската машка ракометна репрезентација и член на Барселона,Кирил Лазаров е најдобар стрелец во својата екипа на почетокот на оваа сезона. Веб страната на Барселона излезе со анализа за тоа кои се најдобрите ракометари на “каталонците” во почетниот дел на сезоната во кој Барселона освои три трофеи, и забележа три победи во АСОБАЛ лигата.

Во 11 официјални натпревари колку што одигра досега шпанскиот шампион, Кирил Лазаров е најдобар стрелец со 59 постигнати голови, од кои 23 на ИХФ Суперглоб, 18 во двата Суперкупа и 18 во трите одиграни натревари во АСОБАЛ лигата. Веднаш зад нашиот капитен, се наоѓа новото засилување на Барселона, исландскиот репрезентативец Гудјор Валур Сигурдсон со 56 постигнати голови, а на третото место се наоѓа Виктор Томас кој постигна 50 голови.

Барселона во одлична голгетерска форма влегува во понатамошниот дел од сезоната, каде што допрва престојат вистинските предизвици за момците на Чави Пасквал, а тоа се настапите во Лигата на шампионите.