Лазаров и некомплетниот Нант немоќни кај Раул и ПСЖ

Првиот дерби натпревар во првенството на Франција го одиграа ПСЖ и Нант во 2. коло, а домашните не дозволија изненадување и се изборија за победа од 32:29. Нант настапи без неколку стандардни играчи, а Лазаров играше во поголемиот дел од натпреварот и постигна четири гола.

ПСЖ имаше сигурно издание и од почеток до крај беше во водство. Во сите наврати кога Нант се закануваше да ја загрози предността, ПСЖ имаше одговор. По ефикасното издание на екипите во првиот дел на одмор домашните заминаа со предност од 18:16.

И вториот дел продолжи во ист ритам, постојано водство на ПСЖ од три до пет гола. Винсент Жерард имаше добри втори 30 минути кога врза неколку одбрани во серија. Во Нант недостасуваа Гурбиндо, Димулан и Фелихо што многу ја олесни задачата на составот на Раул Гонзалес.

Најефикасен во ПСЖ беше Микел Хансен со осум погодоци, а Сигурдсон постигна седум. Во екипата на Нант со пет гола Мин беше најпрецизен, додека Лазаров, Буриќ и Балагер постигнаа по четири гола. Нашиот репрезентативен капитен имаше 40% успешност на ударите.

Денеска се играа уште пет натпревари од 2 коло во првенството на Франција во кои имаше неколку изненадувања.

ФРАНЦИЈА 1, РЕЗУЛТАТИ ОД 2. КОЛО

КРЕТЕЈ – ШАРТР      26:27 (16:11)

ДАНКЕРК – ИВРИ     26:22 (17:12)

НИМ – МОНПЕЛЈЕ     25:24 (12:10)

СТ. РАФАЕЛ – ИСТР     29:33 (16:15)

ТРЕМБЛЕ – ТУЛУЗ     31:22 (18:9)

ПСЖ – НАНТ     32:29 (18:16)

ТАБЕЛА: 1.ПСЖ 4 (67:54), 2.Ним 4 (57:50) 3. Монпелје 2 (60:50), 4.Шамбери(-1) 2 (33:25).