Лазаров без голем учинок, Нант се врати на втората позиција

Во рамки на 16. коло од француската лига екипата на Нант забележа уште една сигурна победа. Овој пат поразена си замина екипата на Иври. Кире Лазаров и колегите рутински го одработија натпреварот и славеа со 33-29 за својата 14. победа, со која се враќаат на втората позиција на табелата.

Предноста со која домаќинот го заврши натпреварот ја стекна уште во првото полувреме 18:14 и до крајот лесно успеа да ја одржи. Лазаров немаше свој ден и натпреварот го заврши со невообичаено слаб учинок. На крајот од четири обиди успеа само еднаш да се запише во листата на стрелците. Најзабележителен настап во составот на Нант имаше десното крило Балагер со постигнати 13 голови. Во составот на Иври најмногу се истакна Моралес кој постигна десет голови.

Во моментов по одиграни 16 кола Нант се наоѓа на втората позиција со совоени 28 бодови веднаш зад ПСЖ кој има 31 бод. Следниот викенд се игра дербито во првенството каде што Нант ќе му гостува на ПСЖ.