Куп на Македонија: Вардар победник по деветти пат

РК Вардар Скопје 30-28 РК Металург

18.05.2014, СРЦ Билјанини Извори, Охрид

По лесната задача во полуфиналето на Купот на Македонија, Вардар и Металург во седмата овосезонска пресметка одлучуваа за Куп победникот.

Се започна како по ноти за Вардар, одлични акции, добри одбрани на Ангелов и неколку среќни моменти го карактеризираа првото полувреме во кое Вардар беше постојано во водство кое на моменти изнесуваше и четири погодоци. На полувреме Вардар имаше предност од три гоала 14-11.

По паузата, ракометарите на  Металург се вратија помотивирани. Со агресивна одбраната и пожртвувани пробиви на Миркуловски и Циндриќ и неколкуте прецизни обиди од надворешните позиции на Вугринец и Борозан, Металург со голот на Гоце Георгиевски од контра стигна до првото израмнување на 20-20. Меѓутоа „вадарци“ возвраќаат со серија од 4-0, а со голот на Брумен стигнуваат до 27-23. Минутата одмор  на Лино Червар одлично делуваше на момчињата од Автокоманда кои до 57 минута ја анулираа големата предност и повторно го израмнија резултатот на 27-27, за драматични последни три минути. Во бркотницата во послените моменти од финалето на Купот на Македонија поуспешен беше Вардар кој со двата гола на Дибиров ја освои деветата титула во Купот на Македонија.