Кулеш потврди: Имав понуда од Вардар, но таа на Келце беше поубедлива

Во текот на претходната сезона екипата на Келце го договори талентираниот Уладзислау Кулеш, кој дојде од најлегендарниот тим во Белорусија, Минск. Кулеш во интервју за неговиот нов тим зборуваше за сериозноста на неговата повреда како и за интересот што го покажал нашиот шампион за него.

„Сè се случи претходната сезона на средината на мај. Паднав на тренинг и испадна дека сум ја повредил скафоидната коска на раката. Докторите во тимот ми ја ставија во гипс и ми рекоа дека ќе отсуствувам до два месеци. Коската ми е сè уште слаба, но би требало да бидам подготвен до крајот на јули“, вели Кулеш.

Кулеш не е единственото засилување од Белорусија. За наредната сезона екипата на Келце успеа да го договори и Арцем Каралек кој дојде од францускиот Сент Рафаел. Во интервјуто Кулеш го истакна својот пријателски однос со него и го прикажа како една од главните причини зошто го избрал Келце пред Вардар.

„Келце е многу добар клуб. Пред да ставам потпис со нив разговарав со Талант Дујшебаев кој ми ги претстави визиите на клубот и истакна дека има некои видувања за мене во тимот. Настрана од тоа, блиску сум до дома и ќе можам да играм со мојот добар пријател Арцем Каралек. Вистина е дека постоеше интерес од Вардар и Берлин, но тренерот на Келце зборува руски, а и претходнокажаните работи ме убедија да му се придружам на Келце“, ја обелодени главната причина за одбивањето на понудата на Вардар, ракометарот од Белорусија.

Ова ќе биде првото искуство во странство за талентираниот лев бек кој до претходната сезона играше фантастично за белорускиот гигант, а во новиот состав треба да биде во ротација со Марко Мариќ и Михал Јурецки откако претходно во пензија замина Карол Билецки.