Криштопанс пред дуелот со поранешните: Во Вардар дојдов да освојувам трофеи

Ракометарот кој е највисок во СЕХА-лигата (215 цм), Даини Криштопанс после неколку сезони одиграни во Татран Прешов и во Брест Мешков од сезонава е во дресот на Вардар. Денеска од 17.45 часот ќе го има својот прв настап против тимот за кој играше во минатите две сезони и тоа ќе биде меч со многу емоции за него.

Ова ќе биде одличен дуел бидејќи Брест е тимот кој е единствен што успеал да освои бодови во Скопје во последните три години.

* Денеска играте против вашиот поранешен тим Брест Мешков. Овој натпревар е избран да биде дерби на колото во СЕХА-лигата. Кој е вашиот совет упатен до тренерот и соиграчите во врска со овој меч?

“Јас сум професионалец и сега мојот тим е Вардар. Нашиот тренер знае многу подобро како да играме вечерва. Оваа сезона Брест Мешков има многу нови играчи. Можеби тактиката ќе биде истата како кога јас играв таму, но мислам дека ќе има промена бидејќи има многу нови играчи и тие имаат различни индивидуални квалитети. Очекувам неизвесност бидејќи секогаш натпреварите меѓу Вардар – Брест Мешков биле непредвидливи до крајот“.

* Веќе два месеци сте член на Европскиот шампион. Дали успевате да се навикнете на системот на тимот?

„Сега е многу подобро, бидејќи кога дојдов тука, ми требаше малку време и не играв многу добро. Вардар има сосема различна тактика и ми треба време да се навикнам на тој систем на работа и игра. Има многу работи кои треба да се научат и ќе одам ‘чекор по чекор’. Сега после два месеци е многу подобро. Секој ми помага на тренинзите за да разберам што играме и да научам побрзо што е потребно“.

* Како замена на Алекс Душебаев колку е тешко да се наметнете себе си како лидер и дали тоа прави притисок врз Вас?

„Притисокот е секогаш околу нас и е голема одговорност за секој играч. Сакаме да победиме на секој натпревар. Играме добар ракомет и имаме добри играчи на секоја позиција. Сега притисокот не е однадвор, туку одвнатре. Знам дека може да играм многу подобро и секогаш си велам имаш уште да учиш“.

* Веќе имате да играно на завршниот турнир на СЕХА-лигата, но никогаш не сте освоиле шампионска титула. Оваа сезона Вардар е меѓу најголемите фаворити за трофеј. Кој ќе биде главниот ривал за пехарот?

„Дојдов во Вардар за да освојам титули. Верувам во овој тим и имам надеж дека ќе ја зголемам ризницата на трофеи дома. Сега е тешко да се каже нешто за новата сезона. Ќе видиме како ќе играат тимовите бидејќи секогаш има некои изненадувања. Нашата најголема закана можат да бидат Брест Мешков или ППД Загреб. Но, прво треба да се видат неколку натпревари од сите тимови, а потоа ќе биде полесно да се даде некаква прогноза“.

* Со вашата висина од 215 сантиметри веројатно е полесно да се игра? Вие сте повисоки од ривалите и дали ова е навистина предност за Вас?

„Ракометот е игра со многу тактика и активна одбрана. Со мојата висина понекогаш е лесно да се игра, но зависи од противниците. Во некои моменти ова може да биде неповолно. Сепак, како и досега ќе дадам сè од себе на теренот за да допринесам за успех на тимот, па така ќе биде и сезонава во Вардар“.