Кристопанс ја “среди“ Словенија, Летонија првпат ќе игра на ЕП! (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Летонија на свој терен славеше голема победа против Словенија во квалификациите за престојното Европско првенство. Предводени од моќниот вардарец Даинис Кристопанс, Летонците успеаја да стигнат до голема радост после напорна борба и неизвесна завршница.

Домашните победија со 25:24, а имаа водство и иницијатива речиси низ целата средба. Видно беа мотивирани за победа и подобро започнаа. Имаа почетни 5:2 по што Словенија брзо возврати. Клучен беше Кристопанс кој и овој пат ја покажа својата класа и со своите голови ја водеше својата репрезентација низ средбата.

Полувремето го доби Летонија со 14:10, но тоа не значеше и точка на средбата. Словенија има веќе обезбедено пласман на Европското првенство, но не сакаше така лесно да му ја препушти играта на противникот и по десетина минути во второто полувреме најпрво изедначи, па дојде и до првото водство на дуелот.

Летонија повторно се врати во водство, но Словенците никако не попуштаа и на две минути до крајот имаа еден гол предност. Домашните одново покажаа карактер и изедначија, а откако Словенија пропушти напад за водство, Даинис Кристопанс со своја препознатилива соло акција стрелаше за 25:24 и водство за неговата репрезентација на 30 секунди до крајот.

Словенија доби последен напад за изедначување во кој се избори за удар од седум метри. Јуре Доленец не успеа да го совлада противничкиот голман за огромно славје за Летонците. Овие две репрезентации го заверија пласманот на Европското првенство, а дуелот од последното квалификациско коло на Латвија против Холандија и Словенија против Естонија ќе биде честа формалност.