КРАКОВ ДЕН ШЕСТТИ: Среќата ги прати храбрите!

Среќата ги прати храбрите. Со таква мисла се разбудивме, а радоста… Ги имаме Литванија и онаа тројка на Илиевски, Вараждин и оној гол на Алушовски, а богами се сеќавам со радост и на онаа министерската со Австрија во Данска. Сега на тие моменти се додаде уште еден. Со радо срце ќе се сеќавам и на Полска. Шестиот ден започна со несоница. Ретко кој можеше тука да спие.

Знаевме што нè очекува, знаевме што доаѓа, знаевме за тоа колку Србија е незгодна. Утрото навивачите се разбудија, се прошетаа, поголемиот дел во нивниот последен ден во Краков отидоа на шопинг, да се посетат и уште еднаш туристичките атракции, да се купи некој сувенир, нешто кое ќе остане за спомен.

Ракометарите се разбудија, го имаа своето утринско кафе, доручек, а потоа се посветија максимално стопроцентно на она што ги очекуваше. Имаа многу вакви натпревари во нозе Кире и останатите момци, едноставно знаеа дека моментот за одлука дојде.

Како што Кире кажа минатата година во Катар, и да се загубат сите мечеви важен е тој последниот. Таму беше осминафинале, овде беше на 19ти и средбата со Србија. Додека навивачите се собираа и истражуваа, мене денот ми започна како и секогаш, пред лап-топ, со рекапитулација на претходниот ден, мала дискусија со нашиот добро познат Маце (Марјан Начевски) и со неколку навивачи на Србија. Се поздравивме срдечно, знаејки што не очекува. Беспоштедна борба до последен здив. Фалангата се собра во добро познатото македонско катче, „Гошинец“ е веќе наша кафана, се запеа песна, ни се придружија и нови навивачи, меѓу нив и мојата прекрасна пријателка Катја, наши студенти и иселеници кои дојдоа од Шведска, Чешка, а имаше и мала група навивачи од Македонија. Спремни и орни сите заедно се упативме во сала, таму мала збрка, некои навивачи не влегоа на таа македонска трибина, но сите заедно пеевме песна. Средбата започна тешко, игра по жица, се играше гол за гол, оној од кој најмногу стравувавме, Станиќ, ни создаде најмногу проблеми, ги откажа нашите контри, а одбрани и два седмерци. Кире одлично затворен, но сепак Македонија покажа дека има и други освен него. Блескаа Стоилов и Миркуловски, се разигра Мојсовски, а што да се каже за Манасков. Големите играчи се ретки, оние вистински бисери уште повеќе. Ги препознаваме затоа што го имаме Кире, ама сега дефинитивно го имаме и Деки. Започна лошо, но големите играчи ги краси и онаа упорност, дрскост, дури и егоизам. Сакаат одговорност и не се плашат, а тоа го направи Деки синоќа. Започна со голови од своја позиција, продолжи со пенали, погоди и од пивот а заврши на најдобар начин, за делириум на трибини. Ох како се тресеше срце македонско во тие последни секунди. Сите се сетивме на Полска, имавме 18 секунди, сега само десет, но затоа сега знаевме што и како, и Деки не се плашеше да тргне и да шутне. На крај солзи радосници на лицата на нашите ракометари, голема радост на трибини, не само меѓу нашите туку и оние неутралните, домашните. Македонија е топла земја со големо срце кое ги освојува сите, така ја покоривме и Полска. Краков е студен, но сега обоен во црвено-жолто. Топло ми е тука, онака во срце. Од кралскиот град, нашата нова престолнина, голем поздрав до Македонија.

Време е за одмор, а од утре одиме на нова победа, се знае за кого…

ЗА МАКЕДОНИЈА!

Текст: Кочо Трајчевски/ПШ

Фото: Кочо Сотировски