КРАКОВ ДЕН ОСМИ: Се заледивме на минус десет!

Денешната задача е можеби најтешка од сите. Зад нас е денот осум, започна возбудливо, продолжи онака навивачки, еуфорично, ни се приклучи групата навивачи од Скопје, а заврши со еден од најтешките порази на нашата репрезентација кои ги имам видено.

Фалангата си замина, поголем дел доцна синоќа, со тажно срце, но сепак со надеж и верба дека во понеделник кога ќе се врати ќе биде на терен оној ист тим кој го знаеме добро. Денот, оној осмиот се разбира започна со утрински појадок, кога пристигна веста за навивачите кои доаѓаат од Македонија, се очекуваа тие педесет навивачи на Работнички и нивната безрезервна поддршка. Храбра група која се реши да замине на долг пат, и покажа дека кога се работи за Македонија нејзините навивачи се спремни на сè. Остатокот од денот го поминавме во шетање, мал шопинг, а потоа и ручек во добро познатиот Сиукс. Дел од навивачите се упатија кон сала, а ние кон фанз зоната заедно со новите момци. Со песна, на шега падна дури и предлог за брак, откако за момент останавме занемени од убавината на полските девојки, сега останува прашањето дали невестата ќе има храброст да каже да. Ништо во тие мигови не можеше да нè подготви за она што следува. Бевме весели, насмеани, се надевавме на прва победа, иако знаевме за моќта на Хрватска.

Повторно се собравме во добро познатиот Гошинец, но овој пат поминавме без прекрасната музика и пеење, нешто кое заедно со доцнењето на автобусот на ладното време како да го најави вечерниот пораз.

Хрватска е веќе зад нас. Заморот ја стигна нашата селекција, да се надеваме дека дека наредните три дена ќе ги освежат нашите ракометари и ќе ги подготват за она што следи, важните дуели со Норвешка и Белорусија. До тогаш, не обесхрабрувајте, бидете подготвени и навивајте за Македонија, на овие момци им треба вашата поддршка.

ТЕКСТ: КОЧО ТРАЈЧЕВСКИ/ПШ

ФОТО: ИГОР ПАНЕВСКИ