Кој го стисна?..Копчето за тајм-аут им прави проблеми на ракометарите

На натпреварот од рамките на групата Ц помеѓу Австрија и Чиле (24-32), австрискиот ракометар Тобијас Вагнер случајно го стисна црвеното копче за тајм-аут по што предизвика невообичаена ситуција на ракометните терени.

Вагнер сакајќи да се потпре на своето столче на резервата клупа случајно го допрел црвеното копче, по што се огласил звукот за тајм-аут, а сето тоа се одвивало кога во напад била репрезентацијата на Чиле. Австрискиот репрезентативец на крајот поминал само со жолт картон, избегнуваќи автоматски досуден седмерец за противникот бидејќи било констатирано дека стискањето било случајно.

Нешто слично се случи и на вчерашното дерби на СП во рамките на групата А помеѓу Германија и Франција, кога клупата на домаќинот два пати во рок од една минута случајно го допре црвеното копче. Сето тоа предизвика нервоза посебно на клупата на Франција на чело со селекторот Динар, која набрзо беше смирена.

Црвеното копче го замени зелениот картон за повикување на тајм-аут кој се користеше претходно.Копчето е поврзано со официјалниот технички систем, по што времето автоматски се запира и сигналот се огласува паралено. Копчето за првпат беше искористено за време на СП во женска конкуренција во 2017 година.