Констанца се откажала од трансферот на Кузмановски само поради Металург!

Репрезентативецот на Македонија и член на Металург, Филип Кузмановски летово беше во фокусот на можен трансфер во Германија во тимот на Магдебург. Истиот пропадна бидејќи Германците не биле подготвени да го платат обештетувањето што го бара тимот од Автокоманда.
И решиле да чекаат да заврши сезоната кога Кузмановски ќе биде слободен играч и без обештетување ќе замине во Бундеслигата. 

Но во игра за Кузмановски бил уште еден странски клуб. Романска Констанца каде тренер е Звонко Шундовски, а спортски директор Бранислав Ангеловски сакале да го ангажираат Кузмановски. Трансферот не се реализирал бидејќи Романците, особено Ангеловски и Шундовски не сакале да бидат обвинети дека сакаат да го ослабат тимот знаејќи ја систуацијата во која се наоѓаат скопјани.

Ова за www.24rakomet.mk го потврди и Бранислав Ангеловски кој е особено задоволен што во тимот веќе има двајца македонски репрезентативци, Велко Марковски и Никола Митревски.

Романците имаат амбиции повторно да се вратат во лигата на шампионите каде настапуваа. По финансиската криза тимот почна од втората лига, но брзо се врати во самиот врв и сега повторно е кандидат за висок пласман.

Во Струга дојдоа со цел да одиграат повеќе контролни средби, а веќе следната недела го играат и Супер купот на Романија против Динамо Букурешт. Ова ќе им биде генерална проба.