Конечно и Шпанија се израдува: Штербик застана на гол, „фуријата“ се искачи на европскиот трон

Репрезентацијата на Шпанија конечно успеа да го надмине малерот и да дојде до титула на Европските првенства, а тоа се случи вечерва во Загреб откако во финалето ја надигра селекцијата на Шведска и ја совлада со 29:23. Швеѓаните имаа подобро отворање на средбата, но не успеаја да го издржат ритамот и влегоа во машината на „фуријата“ која особено во вториот дел доминираше и го газеше противникот,

Двете репрезентации кои успеаја да ги минат најдобро последните пречки и да дојдат до финалето на Европското првенство во Хрватска имаа интересно отворање на мечот. Тргнаа во гол за гол, а притоа Шпанија постојано беше во предност. Успеваше да го диктира темпото, но само до моментот додека Апелгрен не влезе во серија и направи разлика на теренот, па бо 12. минута резултатот беше 4:7.

Иако делуваше дека Шпанија е скршена и дека Шведска го има рецептот за победа на овој меч, сепак, беше рано да се дава шанса на некоја селекција и да се коментира дека е поблизу до триумф. Шпанците полека се враќаа во ритам и го држеа темпото, но не можеа да израмнат.

Најмногу што успеаја беше да намалат на еден гол, но и покрај тоа имаа големи проблеми за да ја пробијат одбраната на Швеѓаните кои одиграа неверојатно во првите 20 минути.

Откако на паузата резултатот беше 12:14, првите неколку минути од второто полувреме донесоа комплетен пресврт. Арпад Штербик почна да брани во свој стил, неговите колеги во одбраната да пресекуваат топки, а тоа набрзина ги измени работите на теренот.

За десет минути игра во второто полувреме, Швеѓаните само еднаш го совладаа одличниот Штербик, а на спротивната страна работите се изменија со тоа што зад грбот на Апелгрен завршија шест топки. Серијата од 6:1 донесе предност од 18:15 за Шпанците и тие веќе имаа контрола на играта. Штербик беше само потпора на далеку подобрата одбрана на „фуријата“, па на 12 минути пред крајот на средбата водството беше 21:16.

Оваа предност од крајот на мечот само се зголемуваше. Ракометарите на Шведска веќе не можеа да следат. На пет минути до завршувањето на времето Шпанците водеа со 26:20 и тоа откако се опуштија бидејќи претходно имаа и плус осум гола. На крајот беше 29:23 со што Шпанија конечно стигна на тронот на Европа. Ова е само прва круна на Европските првенства за оваа селекција и реванш против Шведска за поразот во финалето на ЕП во 1998 година.

Победата на овој меч и донесе на Шпанија директно учество на Светското првенство во 2019 година во Данска и во Германија, а со оглед на тоа што се зголемува и бројот на учесници на следното Европско првенство тоа ќе значи и директен пласман и на овој шампионат.