Кога играат Вардар и Металург, нема мирно дерби ниту во кадетска лига! (ФОТОСТОРИЈА)

Започна пролетниот дел од македонската машка кадетска лига, а уште на самиот почеток се одигра дерби натпреварот меѓу скопските ривали Вардар и Металург. Ракометарите на Металург влегоа во пролетниот дел од натпреварувањето со предност. Победата на гостински терен кај „црвено-црните“, со пет погодоци разликата беше гаранција за возбудлив дуел и ракометно надмудрување меѓу екипите на Данило Брестовац и Зоран Петковски.

FLP_6133

РК Металург 19-21 РК Вардар (8-7)

По почетните осум минути игра ракометарите на Металург имаа водство од 4-1, кое младите вардарци го анулираа во наредните три минути. До крајот на првиот дел се водеше рамноправна борба, во која главен збор имаа голманите на двете екипи Блажевски и Трпевски.

FLP_6515

По почетните триесет минути игра домаќините од Автокоманда имаа предност од еден гол, 8-7.
Резултатската неизвесност се одржуваше во вториот дел, ракометарите на Вардар го изедначија резултатот, а играта гол за гол продолжи до 40-та минута.

FLP_6570

Со прецизниот удар на Апостоловски, вардарци го превземаа водството и ја продолжија серијата од 6 голови во низа за предност од 12-16 по 45 минути игра. Во 52-та минута, Димов со својот единствен гол ја донесе највисоката предност на гостите од пет погодоци, 14-19.

FLP_6558

Вардарци имаа неколку шанси за шест голови предност, со што би го превземале првото место на табелата, но брзоплетите напади, концентрираната одбрана на Металург и голманот Блажевски беа виновниците за разликата од три погодоци по шеесет минути игра, 19-21.

FLP_6300
Најпрецизни на натпреварот беа Димитриоски за Металург и Мирчев за Вардар, двајцата со по седум постигнати погодоци.
Дека младите ракометари на двете екипи за свој пример ги земаат постарите ракометни „ѕвезди“ покажа и денешниот натпревар. Најпрво во најспортскиот потег на целиот натпревар, Анастасовски на раце го изнесе својот колега од спротивниот табор по заработената повреда.
FLP_6593
…и кога сите помислија дека ракометното дерби започнува да го добива оној спортски сјај, во последната минута од натпреварот, откако беше грубо фаулиран од ракометарот на Вардар Јагуриновски, Стојковски со неспортски потег иницираше судир на двете екипи по кој беа поделени два црвени картони на главните иницијатори на конфликтот.
FLP_6641
Конфликти кои беа неизоставен дел од големите дерби натпревари на најдобрите состави на Вардар и Металург изминативе неколку години, остана дел од наследството.
FLP_6630 (2)

Откако се смирија страстите и натпреварот заврши домаќините им честитаа на подобрите, задоволни бидејќи и покрај поразот тие остануваат на првата позиција во разигрувањето за титулата.

FLP_6694