Клупска сторија: 24Ракомет ве запознава со ракометниот клуб Илинден – Вардар

Ракометниот клуб Илинден кој од оваа година е под капата на ракометната академија на Вардар значително го подобрува својот успех од година во година. Иако во претходните години било тешко да се работи и да се одржува еден клуб, РК Илинден учествуваше и на два меѓународни ракометни турнири, “Partille Cup”  и  “Intermania world cup.”

Основач на клубот е Александра Јанев, поранешна ракометарка, сега тренер и професор по физичко образование.

24ракомет ве запознава со историјата, желбите, и амбициите на РК Илинден – Вардар. 

“Ракометниот клуб Илинден започна да функционира како ракометна школа за да видиме како ќе функционира. На почетокот имаше само десет деца, но бројката брзо почна да расте. Во нашата општина како и од тој дел од Скопје, ова беше прва ракометна школа, а ракометот тогаш почна да станува популарен бидејќи започнавме непосредно по освојување на шампионската титула на Кометал, па имаше задоволителен интерес.Поради тоа во 2009 година регистрирани сме како клуб” – изјави Јанев.

handball mkd-sweden cup
На турнир во Шведска

На прашањето дали беше тешко да се одржува еден сопствен клуб, Александра Јанев одговори: 

“Не беше тешко но не беше ни лесно. Бидејќи работевме со почетници на повеќето им одговараше да доаѓаат во нашиот клуб поради близината на нивните домови. Мали проблеми ни се јавуваа кога децата веќе ќе навлезеа во ракометот па сакаа да заминат во Металург или Вардар. Некои остануваа таму некои се враќаа, а некои остануваа верни на клубот”.

– Која е визијата нa РК Илинден – Вардар?

“Нашата визија како клуб е пред се што повеќе дечиња да се занимаваат со спорт- ракомет, да пронајдеме талентирани деца и со работа и труд тој талент да го надоградиме во  нашиот клуб. Да излегуваат добри играчи кои би играле во поголемите клубови и репрезентацијата. Исто така би сакале доколку имаме можност да прераснeме во поголем и помоќен клуб кој би се натпреварувал во појаките лиги”.

 

handball cup
Тренерот Александра Јанев со своите ракометарки во Шведска ( Partille cup)

– Која е разликата во ракометот сега и пред осум години?

Разликата од сега и пред осум години е огромна. Пред осум години имавме 10-15 членови, сега бројката се движи од 40 па нагоре. Ракометот со успесите на ракометната репрезентација како и со клупските успеси на Металург и Вардар стана многу популарен, спорт број еден во Македонија, а оваа година се надевам дека и понатаму уште повеќе ќе биде затоа што сега сме дел од ракометната академија на Вардар , која што направи огромен чекор и кај младите и кај нас тренерите – додаде Јанев.

 


 

Тренерот – Александра Кузмановска е задоволна од прикажаната игра

– Минатата сезона на резултатски план одигравме доста лошо, но со оваа генерација тоа беше наша прва натпреварувачка сезона и неискуството и тремата си го направи своето. Оваа година цел август го поминавме на физичка подготвеност, се подготвуваме доста, имавме два пријателски натпревари, задоволна сум од прикажаното иако има и доста што треба да корегираме во играта, но сметам дека имаме добра екипа и дека сме подготвени за постигнување на добри резултати. Иако во првиот првенствен натпревар повторно влеговме лошо, наш дополнителен противник беше тремата и неискуството, мислам дека тоа не треба да значи дека ќе биде лоша сезона, зборувавме со момците за да го надминеме полесно тој лош ден и да играме како навистина знаеме.

handball rk ilinden
Тренерите Александра Кузмановска и Ана Петрушевска со машката екипа

– Станавте дел од академијата на Вардар која е застапена низ цела Македонија, какво е чуството да се биде под капата на вардаровиот свет?

Огромна благодарност до Вардар за ваквата иницијатива, и за дадената можност. Вардар е екипа со традиција, среќни сме што сме дел од нив, нудат одлични услови за младите ракометари и ракометарки. Претставува голема одговорност за нас тренерите за подобра и напорна работа, но секако и голем мотив како за нас така и за децата заедно да напредуваме и постигнуваме подобри резултати – изјави Кузмановска.

kuzmanovska-lekic
Александра Кузмановска и Андреа Лекиќ

– Ваше мислење за постигнатите резултати во ланската сезона?

“Имавме релативно лоша сезона, но со таа генерација првпат игравме во лига, немавме искуство, бевме најмлада екипа која се натпреваруваше. Но сега веќе имаме искуство од натпреварувачкиот дел, да се игра под притисок. Ја оставаме минатата сезона зад нас и се стремиме кон подобри резултати”.

– Андреа Лекиќ го посети ракометниот клуб Илинден – Вардар, какви беа реакциите на членовите?

Штом ја прашав Андреа дали ќе може да дојде да не посети веднаш прифати, без никакво одложување. Децата се пресреќни и воодушевени од Андреа. Постојано зборуваат за тоа. Имаа речиси дво часовна дружба со неа, Андреа им кажа многу корисни совети, се сликаше со нив, се забавуваа. Андреа е воодушевена од децата, обожава да работи со деца. Многу им значи таа посета. Огромна благодарност до Андреа за одвоеното време – додаде за крај Александра Кузмановска

 Галерија:

handball5handball6handball7

handball rk ilindenhandball-zrk-4handball9

 

handball66rk ilinden-5