Кисељов: На почетокот главата ми вриеше, но ова е бајка со совршен крај

Рускиот репрезентативец кој игра на позицијата десен бек, Дмитри Кисељов, изминатиот викенд ги доживеа најдобрите моменти со Вардар освојувајќи ја европската титула. Тој од следната сезона се сели во својата земја во екипата Чеховски Медведи.

Тој со воодушевување говореше по завршниот викенд во Келн.

„Совршен крај на ракометната приказна. Освојувањето на Лигата на шампионите беше остварување на сонот. Емоциите се најпозитивни. Ние сме шампиони, најдобриот тим во Европа. Сите сме среќни, но мислам дека сè уште не сме комплетно свесни што се случи. Со нетрпение ги очекувавме навивачите во Скопје. Тоа беше главната прослава за освоената титула. Во натпреварите со Барселона и Веспрем доживував силни емоиции особено во финалето кога по првото полувреме имавме пет гола предност. Кога Веспрем почна да намалува секој момент го користев да го гледам семафорот. Имав чувство дека времето застана. Имавме тешка сезона со среќен крај, ова е бајка“, изјави Кисељов.

Иако заминува од Вардар тој јасно истакнува дека во никој случај не жали што помина една година во Скопје иако не добиваше многу шанса за игра.

„Во никој случај не жалам што поминав една година во Вардар. Научив многу и најважно многу го подобрив разбирањето на играта. Тактички станав многу поподготвен. Кога дојдов во Вардар ми беше многу тешко, морав да се навикнам на шпанскиот систем и барањата на тренерот. Главата буквално ми вриеше, каде да трчам, што да правам. Кон крајот на сезоната целосно се навикнав и стана полсено. Сега сакам знаењето да го искористам во репрезентацијата каде што имам повеќе можност за игра. Имам голема желба да се докажам“, заврши Кисељов.