Киелце ја одбрани титулата во Полска

Во тензичен натпревар, кој го карактеризираа многубројните исклучувања и протести упатени кон судиската двојка, Киелце, како гостин, убедливо ја декласираше Висла Плок, 25-34 и ја освои 11-та титула во полскиот шампионат. Уште на самиот старт, играчите на Талант Душебаев предупредија дека се дојдени да го освојат трофејот. Зорман, Белицки, Чупиќ и нивните соиграчи остварија недостижна предност која рутински ја зачуваа до самиот крај. Плеј-оф серијата за титулата во ракометна Полска заврши во Висла, по четири одиграни натпревари.

Почетните минути поминаа во знакот на двата црвени картони за тренерите на двата клуба. По неколку минути пауза, играта продолжи, но отсуството на тренер најмногу ги погоди домашните ракометари кои по 15 минути губеа 5-9. Но тука не застанаа проблемите за Висла, одличната одбрана на гостите, без вистинско решение во нападот како и некоординираноста во одбраната ги чинеше домаќините титула. Киелце имаше предност од 7 голови разлика по само 20 минути игра, а по првите 30 минути резултатот изнесуваше 10-19 во корист на шампионот.

Почетокот на второто полувреме и советите на тренерот Кадењас повторно ја вратија надежта меѓу играчите на Висла, со поконцентрирана одбрана и неизнудени грешки на противникот ја намалија огромната предност на гостите, на пет погодоци 15-20. Меѓутоа Киелце не допушти изненадување, цврсто бранејќи ја големата предност, ја имаше контролата над натпреварот и резултатот. Веќе кога стана јасно дека Киеце повторно ќе биде шампион на Полска, домаќините дозволија низа на голови, без одговор, за да на крај натпреварот заврши со највисоката предност, 25-34 за двојниот шампион на Полска.

Висла по поразот во финалето од полскиот куп, сега со 3-1 се збогува со титулата во полскиот шампионат, претстои многу работа за стручниот штаб на Плок како на кадровски така и на тактички план доколку имаат желба да запишат нова историја во полскиот ракомет.