Киелце славеше против Кадетен на премиерниот натпревар во ЛШ

Во премиерниот натпревар од групата Д од новата сезона во Велукс ЕХФ Лигата на шампионите, екипата на Киелце имаше уиспешен старт совладувајки го Шафхаузен на гости со 28:33 (14:15).

Екипата на Шафхаузен одлично го започна натпреварот и веќе по 8 минути игра имаше предност од три голови разлика (5-2). Во почетните 9 минути Иван Чупиќ беше единствениот расположен играч кај гостите од Полска кој беше стрелец на првите три голови за својот тим. Шафхаузен до 16 минута од првото полувреме го контролираше резултатот кога и имаше водство од три голови разлика 9-6. Од тој момент Киелце ја засили играта во одбрана, домаќинот почна да греши во нападот што резултираше со одлична серија од 5-0 за екипата на Киелце, која во 21 минута веќе имаше водство од два разлика 9-11. Сепак Линигер и Мансон ја вратија екипата на Шафхаузен во игра, повторно израмнувајќи го резултатот 12-12 на пет минути до крајот на првиот дел. Јурецки со гол во последните секунди од првото полувреме ги постави конечните 14-15 за гостите по првите триесет минути.

Во второто полувреме екипата на Киелце комплетно го скрши отпорот на домашната екипа. Славомир Шмал го замени извонредниот Шего на голот на полската екипа кој во првиот дел имаше одлични 11 одбрани. Шмал бранеше одлично во моментите кога се кршеше резултатот, а се разигра и бековскиот тандем Бунтиќ-Биелицки кои го бомбардираа голот на Шафхаузен. Во 36 минута со голот на Бунтиќ, Киелце поведе со 3 голови разлика 16-19. Домашниот тим на Шафхаузен одржуваше резултатска рамнотежа се до 41 минута кога со вториот гол на Журка успеа да намали на 19-21. По ова Киелце успеа да направи серија од 4-0 со која поведе со 19-25 ( 46 минута) со што беше решен победникот на овој натпревар. Шафхаузен се обидуваше да игра до крај и со пристојна негатива да го финишира овој натпревар. Сепак Киелце искусно ја задржи својата предност за конечни 28-33, и прва победа во овогодинешната сезона во ЛШ.

Домашниот тим на Шафхаузен иако на овој натпревар настапи без неколку стандардни ракометари како Стојановиќ, Кукучка, сепак во младиот Димитри Кител кој постигна 6 погодоци доби одличен ракометар. Најпрецизен во редовите на швајцарскиот тим беше Линегер со 7 постигнати голови.

Во редовите на Киелце, Денис Бунтиќ беше стрелец на 6 голови, а го следеше Јурецки со 5 постигнати погодоци.

Во второто коло од ВЕЛУКС ЕХФ Лигата на шампионите екипата на Шафхаузен гостува во Данска на екипата на Алборг, а полски Киелце во својата арена ќе го пречека Пик Сегед.