Квалификации за ЕП 2016: Унгарија го потврди учеството на Европското првенство 2016

Вчера започна 4.то коло од квалификациите за ЕП кое ќе се одржи во Полска на почетокот од 2016 година.
Пред четири дена во Русија, гостинската екипа предводена од Талант Душебаев одигра одлично, мотивирано и зрело и заслужено победи. Возвратниот натпревар на Унгарија и Русија понуди неизвесен и интересен меч.
Во првиот дел двата состави се менуваа во водство, Русите водеа со резултат 3-4 додека Унгарците го свртеа резултатот во нивна корист за 7-5. Во 20-та минута, Унгарците се одалечија на високи +3(10-7). Рускиот состав во Веспрем арената играше многу подобро од претходниот натпревар и го одржуваше чекорот со домаќините.
Во 23-та минута Шишкарев намали на два гола негатива за 11-9, по што следуваше мини-серија од два погодока во низа за Унгарија за највисока предност од 13-9. Полувремето заврши со резултат 15-11.
Во вториот дел, унгарскиот состав постепено ја зголемуваше предноста, после шест минути игра на семафорот стоеше 20-15. Со серија од 4-1 Русите во 52-та минута намалија на само еден гол негатива за 25-24 и најава за возбудлива завршница, но немаа сили за повеќе. Со последните четири голови на натпреварот Унгарија ги постави конечните 29-25.
Најефикасни беа Бодо и Часар со по 6 голови, додека Шишкарев и Житников кај рускиот национален состав имаа по 4 голови.
Со оваа победа Унгарија има 8 недостижни бодови во квалификациската група 5 и го осигура првото место пред последните две кола од овој квалификациски циклус.