Квалификации за ЕП Полска 2016: Дебакл на Србија во Исланд

После првичното испитување на силите на теренот, домашниот состав на Исланд пред својата публика во салата Лаугардалсхол во Рејкјавик во силен ритам кој го наметна во првиот дел поведе со 8-4. Избраниците на новиот селектор, Периќ, се консолидираа и намалија на 9-6 односно 10-7, но популарните ‘рибари’ повторно го засилија ритамот на натпреварот и пред полувремето имаа највисоки +7(15-8). По триесет минути игра на пауза заминаа со резултат 16-10 за Исланд.

Во вториот дел бродот на Периќ, почна да тоне уште подлабоко. Разликата од минута во минута растеше, а ниту тој ниту неговите играчи имаа решение за расположените домашни ракометари кои пред својата публика играа многу ефикасно, со многубројни решенија во нападот. Новиот селектор доби многу критики во српската јавност затоа што не повика неколкумина стандардни репрезентативци кои играа досега, факт кој го става во незавидна позиција по овој дебакл во Рејкјавик. Најефикасни беа Сигурдсон со 12 и Гунарсон со 9, додека Марсениќ за поразениот тим постигна 6 голови, за конечен резултат 38-22 за Исланд.