Квалификации за ЕП во Полска 2016: Португалија преку Украина ги запиша првите бодови!

Во квалификациската група 5, сеуште не се одиграни дватa меча помеѓу Русија и Украина. Но на табелата и двете селекции кои се сретнаа вчера беа без бодови во надеж по остварување на првата победа.

Во натпревар одигран во местото Бровари во Украина, првиот дел се одигра во целосна доминација на момците од Португалија. Предводени од Портела, Бјелановиќ и останатите ракометари во тимот, но во одсуство на Роха по првите триесет минути имаа убедлива предност од 12-17.
Во вториот дел, по десетина минути игра на семафорот стоеше 15-20. Упорните Украинци се обидуваа да ја намалат предноста, па во средишницата од вториот дел стигнаа до негатива од три голови, 19-22. Тоа беше се од домашните ракометари наспроти расположените стрелци од Португалија кои на десетина минути пред крајот веќе имаа комфорна предност од 20-26. Сирената на семафорот по шеесет одиграни минути ги означи конечните 26-32 за прва победа на Португалија, која ги задржува шансите во понатамошните дуели да се избори за место на ЕП2016 во Полска.
Портела со 10 и Дуарте со 7 голови беа најпрецизни во репрезентацијата на Португалија наспроти Украинецот Тиутиуник кој постигна 7 голови.
За делегат на овој натпревар беше поставен Драган Начевски од Македонија, а судиската двојка Лешчински и Пиекота, дојде од Полска.