Камил Шипжак е вишок во Барса, наскоро ќе му стане соиграч на Лазаров?

Полскиот репрезентативен пивотмен Камил Шипжак, ја игра својата последна сезона во Барселона. Тој сезонава добива мала минутажа од тренерот Чави Пасквал, а договорот му истекува на лето, но сосема сигурно е дека нема да му биде продолжен.

Барселона оваа сезона го донесе Лудовик Фабрегас од Монпелје, кој ја дели минутажата со неговиот репрезентативен колега, Седрик Сорендо, па Шипжак или е на клупа, или воопшто не е во ростерот за дуелите од Лигата на шампионите.

Тој најчесто добива шанса во Асобал лигата, а во ЛШ одигра пет од десет меча и постигна осум погодоци. Негова следна дестинација најверојатно ќе биде Франција, а оттаму се интересираат Нант и Монпелје.

Монпелје на линијата го има Фредрик Петерсон, а Нант го има Николас Турна, кој ќе оди во Келце на крајот на следната сезона, па поверојатно е Шипжак да се реши за Нант, каде за соиграч повторно ќе го има Кире Лазаров, со кој минаа една сезона заедно во Барселона.