Камила Херем: Сакам да бидам дел од „црвено-црната“ шампионска историја

Од оваа сезона составот на ЖРК Вардар во своите редови конечно ќе има и една Скандинавка. Фантастичното лево крило на Норвешката репрезентација, Камила Херем стана дел од црвено – црното семејство со кое се надева дека ќе ја освои Лигата на шампионите. Бронзената девојка од последните Олимписки игри со нетрпение очекува да заигра со Лекиќ, а за нeјзините први впечатоци од Скопје и Вардар прочитајте во интервјуто за 24Ракомет во продолжение.

Какво е чувството да се биде првиот скандинавски играч во Македонија?

Мислам дека ќе биде одлично искуство и едвај чекам да заиграм овде. Веќе ги имав првите тренинзи и ми се чини дека сè е одлично. Почетокот е добар и се надевам ќе води до една добра сезона.

Какви беа реакциите на Вашите пријатели кога дознаа дека се селите во Вардар?

Тие знаеја дека играв две години во Романија, па не им беше многу чудно. Сите што се разбираат во ракомет ме сфатија бидејќи Вардар е голем тим со амбиција да ја освои Лигата на шампионите што е и моја огромна желба.

herrem-1

Какви се вашите први впечатоци од Македонија?

Многу е топло тука. Има многу сообраќај. Скопје е голем град, па ќе ми треба малку време да се навикнам на него. Сè уште сум со мислите во Бразил, а кратко бев и дома во Норвешка, но сепак мислам дека не би ми било потребно премногу време да се навикнам на Скопје и неговата околина.

Три години по ред Вардар нe може да се пласира во финале во Лигата на шампионите. Што според вас е причината за тоа?

Tешко е да се каже зошто. Во Фајнл-фор играат само најдобрите тимови. Секој тим треба да е сто проценти подготвен и да има добар ден за да дојде до финалето и да победи. Секако е тешко, бидејќи трошиш многу енергија во полуфиналето, а следниот ден повторно треба да си целосно подготвен. Многу е важен одморот и опоравувањето во првиот ден за да бидеш колку што може повеќе подготвен за денот што следува.

Како ви се допаѓа ростерот за новата сезона?

Сметам дека ростерот е доста добар. Имаме доволно време за тренинзи и се надевам дека сите се и ќе бидат без повреди пред нашиот прв натпревар во октомври.

herrem-2

Досега сте настапувале во клубови од различни држави. Можете ли да ни кажете која е разликата помеѓу играњето во Данска, Норвешка и Романија?

Данска и Норвешка се слични, и во двете држави имавме многу заднички тренинзи, но и многу индивидуални тренинзи исто така. Од друга страна во Романија културата е поинаква. Таму сите дишат како еден и тоа е многу важно за тимот.

Кој е најдобриот лев бек со кој што сте играле до сега во вашата кариера?

Тешко е да се одговори на ова. Сум играла со многу добри леви бекови и во клубовите и во репрезентацијата, но едвај чекам да заиграм со Андреа Лекиќ. Таа има добар стил и ќе биде интересно да се види како сето тоа ќе се одвива.

После многу години Русија се врати на врвот. Што сметате дека беше одлучувачко во вашиот дуел?

Русија беше подобра во дуелот со нас. Ние се мачевме целиот натпревар, а тие беа одлични. Секако дека сакавме да победиме во полуфиналето но наша примарна цел беше да освоиме медал, па затоа треба да сме среќни што ја освоивме бронзата.

herrem-3

Кој е норвешкиот рецепт за успех ?

Тренираме многу напорно, а секој одработува и добар индивидуален тренинг. Во нашиот тим секој сака да биде најдобар и да победува. Имаме добри третмани за опоравување, масажи… а и работиме напорно на тактичко-технички план. Гледаме многу натпревари на нашите противници, ја анализираме нивната игра така што секој во нашиот тим точно знае која е неговата задача.

Како гледате на вашите противници во Лигата на шампионите?

Групата е навистина тешка. Започнуваме со ФТЦ на домашен терен и тоа ќе биде еден навистина тежок натпревар. Јас лично неколку години не сум играла со нив но го следев тимот во Лигата на шампионите минатата сезона и тие се навистина добар тим. Како и да е сметам дека Вардар има добри шанси оваа сезона, но мораме да бидеме максимално фокусирани и да даваме се од себе на секој натпревар.

А.И.

Англиската верзија е достапна на europamester.dk