И „лалињата“ во полуфинале: Холандија го најде лекот за Чешка

Репрезентативките на Холандија одиграа одличен натпревар во четврт-финалето против Чешка и дојдоа до победа од 30:26 со што се најдоа во полуфиналето и им се придружија на Шведска и на Франција.

Во текот на целиот меч селекцијата на Чешка беше добар противник. Успеваше одлично да парира и наоѓаше начин како да дојде до резулатски приклучок и без проблеми успеваше да остане во игра за победа. Тоа донесе тесен резултат после првото полувреме и на одмор се замина со резултат од 17:16.

Вториот дел продолжи во исто темпо, а Чешка успеа да се држи до 24:24. Ова беше резултат на почетокот на последните десет минути, но тогаш кога беше најпотребно падна ритамот. Холанѓанките знаеја како да го искористат ова и со сигурна игра да влезат во завршница во која противникот не можеше да следи. Тоа им донесе предност од три гола, кои на крајот беа и четири за конечни 30:26.

Со ова најголемото изненадување од осминафиналето беше запрено, па „лалињата“ кои влегоа во овој дуел како фаворитки продолжуваат во битката за медалите.