Исланд не го издржа скопскиот пекол

Македонската ракометна репрезентација издвојува значајна победа на домашен терен против селекцијата на Исланд 30-25 (15-13) во рамките на квалификациите за пласман на ЕП во Хрватска 2018. Црвено – жолтите предводени од новиот селектор Раул Гонзалез, а носени на крилјата на публиката дојдоа до два значајни бода со кои се на делба на првата позиција во групата 4.

Натпреварот го отворија Исланѓаните со два погодоци, по што следуваше проектил на Филип Талески 1-2. Кире Лазаров беше прецизен од пенал за 2-2, а по одбраната на Ристовски , Стоилов и Лазаров погодија за 4-2. Палмарсон ја намали негативата на Исланд 4-3, но Талески повторно беше прецизен за 5-3. Краток период се играше гол за гол , а по една украдена топка на Манасков , Лазаров финишира за (8-5). Во продолжението од полувремето „црвено-жолтите“ успеваа да ја одржат позитивата , а на 5 минути пред крајот и да стигнат до највисоки плус 4 (14-10). Исланѓаните беа посигурни во нападот и дојдоа до само два негатива со звукот на сирената која означи крај на првиот дел 15-13.

Второто полувреме не започна најдобро за нашите момци, Исланд успеа да дојде до прво изедначување 16-16. Црната серија продолжи и во минутите што следуваа, но црвено – жолтите момци најдоа сила и успеаја повторно да дојдат до ново водство од плус 3 (22-19). Следуваше период на игра без погодоци на двете страни, но Македонската репрезентација не попушташе во налетот па на средината на вториот дел повторно имаше плус три (24-21). На десет минути пред крајот Исланѓаните беа прецизни за 25-23, па следувше пенал за нашата репрезентација кој Кирил Лазаров го претвори во погодок за 26-23.  Магнусон и Сигурдсон со два брзи погодока ја вратија драмата намалувајки на 26-25, но тоа не ги исфрли од колосек македонските ракометари. Напротив, со двата погодици на Миркуловски и Лазаров црвено-жолтите дојдоа до +4 , 29-25 на три минути до крајот со што ја осигураа победата. Борко Ристовски беше фантастичен во самиот финиш и со неколку одбрани ги откажа и последните надежи на Исланѓаните за позитивен резултат во Скопје. Точка на натпреварот стави Филип Талески за конечни 3о-25.

Најефикасен во репрезентацијата на Македонија беше Кирил Лазаров со 11 погодоци. Најдобар стрелец кај Исланд беше Гудјон Валур Сигурдсон со 6 гола. Борко Ристовски  на голот запиша 13 успешни интервенции зад своето име.

Реванш натпреварот со Исланд, македонската репрезентација го игра в недела во Рејкјавик .