Искуство против младост: Вардар за првпат против Целје во ЛШ

Утре (27.09.2014, сабота, 20:30 часот), своето деби во овогодинешната сезона на ВЕЛУКС ЕХФ Лигата на шампиони ќе го има првиот македонски претставник, екипата на Вардар од Скопје. “Црвено-црните” патуваат во Словенија, каде во рамките на групата Ц ќе и гостуваат на екипата на Целје Пивоварна Лашко. Дуелот меѓу највозрасната екипа во овогодинешното издание на Лигата на шампиони, Вардар (просек 30 години) и најмладата екипа (просек 22 години), Целје, ќе биде нивна прва меѓусебна средба во ова натпреварување.


ЦЕЛЈЕ ПИВОВАРНА ЛАШКО


Целје Пивоварна Лашко и оваа година најавува беспоштена борба во Лигата на шампионите и атак на едно од местата кои водат помеѓу 16-те најдобри екипи. Тренерот Бранко Тамше е свесен дека Веспрем, Вардар, Рајн Некар Ловен, Монпелје и Чеховски Медведи ќе бидат тешко премостлива пречка, но верува во младоста и полетноста на својата екипа и во подршката на своите фанови во преполната арена “Златорог” која секогаш била нивни осми играч.

Словенечката екипа несомнено ослабена влегува во овогодинешната сезона на Лигата на шампионите. Ова лето екипата ја напуштија носителите на играта на “пиварите”. Гаспер Маргуч и Мате Лекаи кои заминаа во Веспрем, Себастијан Скубе во екипата на Силкеборг од Данска, Немања Зеленовиќ во полска Висла, додека пак Борут Мачковшек ја засили словенечката колонија во екипата на Монпелје од Франција. Тоа само го потврдува фактот, а истото го вели и официјалната статистика на ЛШ, дека Целје ќе биде најмладиот тим со просечна возраст од 22 години во ЛШ.

Целата задача ќе треба да ја одработат младите словенечки ракометари кои несомнено поседуваат големи ракометни квалитети. Тука можеме да ги споменеме голманот Урх Кастелич, како и десното крило Гал Маргуч кои ова лето станаа носители на златен медал на Олимписки игри за младинци, кои се одржаа во Кина.
Иако поголемиот дел од задачата во ЛШ треба да падне на грбот на младите словенечки ракометари, сепак Словенците имаат високи амбиции во ЛШ и оваа година. Освоените 19 титули во домашниот шампионат, 3 супер купа, како и победите над Кил, Фленсбург и Хамбург во минатите две сезони, се обврска плус и голем мотив за Целје да продолжи во ист ритам, иако оваа сезона во подмладен состав.

Играчи кои го засилија Целје ова лето:

Миха Зарабец ( Марибор Браник)
Шиме Ивиќ ( Нексе)
Живан Пешиќ ( Веспрем)
Михал Кашал ( Барселона)
Тилен Кодрин ( млада екипа на Целје)
Гал Маргуч ( млада екипа на Целје)
Јака Малуш (млада екипа на Целје)
Урх Кастелич (млада екипа на Целје)

Играчи кои заминаа од Целје:

Гашпер Маргуч ( Веспрем)
Мате Лекаи ( Веспрем)
Себастијан Скубе (Силкеборг)
Немања Зеленовиќ (Висла)
Борут Мачковшек ( Монпелје)
Урош Бундало (Трембле)
Жига Млакар ( Марибор Браник)
Игор Жабиќ ( Марибор Браник)
Грегор Поточник ( Тримо Требње)
Никола Раневски ( Горишница)

Интересни факти пред натпреварот ЦЕЛЈЕ-ВАРДАР:

– Ова ќе биде прв натпревар помеѓу овие две екипи во ЛШ
– Вардаровите ракометари Горбок, Тоскиќ и Брумен се поранешни ракометари на Целје Пивоварна Лашко
– Целје Пивоварна Лашко е најмладиот тим со просечна возраст од 23 години, во сезоната 2014/2015 во ЛШ.
– Целје Пивоварна Лашко е победник во ЕХФ Лигата на шампионите во сезоната 2003/2004
– РК Вардар е на прво место во категоријата на највозрасна екипа во ЛШ со просек од 30 години.
– РК Вардар е најтешка екипа во ЛШ, со просечна тежина од 100,4 кг.