Интервју со Никола Матлиески: Од Червар до Марин Докузовски, од секого може да се „купи“ нешто!

Во последните неколку години бројот на тренери од Македонија кои поседуваат Мастер лиценца станува сè поголем, а на тој список на стратези најмлад е тренерот на Пролет, Никола Матлиески, кој во исто време е прв асистент на Данило Брестовац во сениорската, младинската и кадетската репрезентација. Некогаш ракометар на Пролет, тој веќе втора година успеа да се пласира во плеј-офот и одново да се бори за пласман во европските купови.

„Тоа е лиценца која мора да ја поседува секој тренер кој сака да се занимава со врвен ракомет. Тоа го наложува Европа, ЕХФ и Здружението на тренерите на Македонија. Секој тренер мора да напредува и да се образува и да се надоградува. Ракометот е спорт кој се менува постојано. Ако се направи споредба со играта на пример во 2003 година кога Хрватска стана светски првак и каков е сеа ракометот се гледаат големи промени. Така и тренерската работа постојано има нови методи, нови комбинации. Се трудам да ги следам, па затоа велам дека стекнувањето на мастер дипломата не значи ништо ако не се надоградуваш. Таа диплома не те прави ни подобар ни полош тренер, но едноставно ти дава мотив за да продолжиш да работиш понатаму и да ги следиш светските трендови и да се трудиш да ги имплементираш во екипата во која што работиш со цел играчите да одат напред, да напредуваат и да се извлече нешто подобро“, вели Матлиески во интервју за 24 Ракомет.

Неговиот ден е исполнет со ракомет и вели дека 24 часа размислува за играта и за она што го очекува со секој нов натпревар.

„Максимално сум посветен на ракометот. Се трудам да ги комбинирам сите работи. И во слободно време одам да ги следам натпреварите и да видам кои играчи како играат. Со Пролет одиме чекор по чекор. Паралелната работа Пролет-репрезентација помага да се надоградувам со работите што се случуваат во ракометот. Лесно е тоа ако го сакаш. Сè може да се постигне со правилно распоредување на времето и максимално залагање. Ако нешто работиш со срце и со голема желба резултатите ќе дојдат“.

Тој е дел и од стручниот штаб на Брестовац, каде што е прв него асистент, сега и во сениорската селекција, но и во кадетската и во младинската репрезентација.

„Имаме добра соработка со Брестовац уште од почеток. Добро сме координирани и одлично работиме. Имаме и добра комункација и следиме сè што се случува и сакаме да направиме нешто што ќе биде подобро и ќе оди напред. Имаме една целина која помага да функционираме уште подобро и да бидеме подготвени за она што не очекува“.

Македонија ја чека Светско првенство за кадети кое во август се одржува во Скопје.

„Се надевам дека летово ќе оствариме добар резултат. Ќе составиме добар тим и добро ќе се подготвиме. Се работи за деца и предвреме не може да се каже што може да очекуваме. Наше е добро да се подготвиме и физички и психички и тактички. Мислам дека како екипа која е селектирана пред две години децата напредуваа. Нивниот напредок ќе треба да го видиме на терен. За  нивниот напредок се задолжени и клубовите и таму да се изборат за место, а во тимот ќе има место само за најдобрите“.

Матлиески е еден од помладите тренери во Македонија, но и еден од најмладите тренери кој има можност да води прва екипа и тоа во Супер лигата, а од секој тренер имал можност да научи нешто ново.

„Најмногу имам научено од татко ми, кој уште е активен како тренер. Имам соработувано со многу тренери. Работев со Дрган Здравковски, со Гино Стрезовски, како играч и со Аце Станковски. Израснав по салите бидејќи татко ми беше тренер и сум следел многу тренери кои доаѓале на подготовки во Струга. Сум ги гледал тренинзите на Лино Червар. Паралелно и на Веселин Вујовиќ во Вардар. Од секој може да се купи по нешто. Тоа што е добро треба и да се користи. Може и од другите спортови ако се почувствува дека е добро да се вклопи во ракометот. Сум го следел како работи и Марин Докузовски. Сè што е со топка може паралелно да се искомбинира. Од секој може да се украде по нешто. Од секого може да се научи по нешто без разлика дали води пионерска, младинска, сениорска екипа. Не се срамам да одам да погледнам тренинг. Она што мислам дека е добро и ми се допаѓа го земам за себе, другото го тргам настрана. Без разлика кој каде е тренер може да се купи нешто од него. Останува ние да го искористиме во наша цел“.

Македонија во последните години е позната по тоа што на теренот може да се видат екипи кои работат според две школи.

„И од југословенската и од шпанската школа има интересни работи. Секој тренер од страна носи нешто ново со себе. Нов метод на работа и ние тренерите и играчите добиваме бенефит. Колку тие тренери имаат доверба во македонските играчи можевме да видиме. Секој играч кога работи со странски тренер напредува. За минутажата која ја добиваат во своите клубови не можам да зборувам. Секој тренер странец носи нешто ново, но јас сум за македонската струка. Мислам дека имаме добри тренери кои сакаат да се надоградуваат. Не сум против странците, но нормално сум повеќе за македонските тренери“.

Тој потекнува од Струга, градот кој редовно давал репрезентативци. Во Струга ја почна својата играчка кариера, но потоа се пресели во Скопје каде што почна со својата тренерска работа. Минатиот месец не успеа да стигне за јубилејот на клубот кој прослави роденден.

„Имав покана за натпреварот во Струга, но тогаш имав првенствен меч со Пролет во Скопје. Жал ми е што не успеав да присуствувам бидејќи за Струга играв пет години. Сепак, кога почнав со студиите во Скопје се преселив во Пролет и тука ја градев мојата кариера. За Струга ме врзуват убави спомени, а секако како и за секој стружанец чест и задоволство беше да се настапува на Струшкиот турнир. Сите играчи едвај чекавме да дојде турнирот за да играме. Мило ми е што сè поквалитетни екипи настапуваат и се надевам дека квалитетот ќе се задржи, па зошто да не со моја екипа да учествувам на турнирот“.

Матлиески својата тренерска кариера ја почна уште додека беше играч. Рано се реши за тренерскиот повик што му овозможи и рано да стекне солидно тренерско искуство.

„Јас во Пролет ја завршив играчката кариера, а три години пред повлекувањето паралелно ги водев и младинците во клубот. Уште тогаш се насочував полека кон тренерската работа. Се откажав рано на 24 години. Можев уште да играм, но подобро е да се стави крај на нешто за кое мислиш дека нема да оди далеку и да се насочиш кон нешто друго. Јас проценив дека тогаш е моментот иако бев меѓу главните играчи на Пролет и најдобар стрелец. Во одредени периоди кога настапував таму оценив дека не можам понатаму и се насочив на тренерската работа. Тоа беше нов предизвик за мене и се насочив кон тренерската работа. Од Пролет се преселив во Металург. Таму бев седум години. Почнав од нула. Работев во школите, па клубот препозна квалитет во мене. Добив задача да ја селектирам генерацијата 2000. Бевме заедно четири години, а две години со ред бевме кадетски шампиони. Создадовме добра целина и добар тим. Потоа го презедов Металург 2, кој беше друг проект. Дојде понуда од Пролет, па во разговор со двата клуба дојдовме до заедничко решение да се вратам во Пролет и да водам една поискусна суперлигашка екипа, а ова досега се покажува како правилен потег за мене за понатамошната кариера. Почнав од нула со работа со деца и сега на 33 години имам некоја тренерска кариера, па се надевам дека ќе се развивам и понатаму“.

Сезонава полека ги остварува целите на тимот кои беа зацртани од почетокот на шампионатот.

„Пред секоја сезона раководсвото има цел. Оваа беше влез во плеј-оф и задоволни сме од она што го остваривме. Како тренер постојано си поставувам нови цели. Секој натпревар е нов за мене и се трудам да ја подготвам екипата на максимално ниво. Се подготвуваме различно за секој меч. Одиме на секоја средба да се надигруваме, а како ќе одиграме зависи од многу околности. И пред себе и пред играчите си поставувам нови цели, а новата е да го повториме успехот од лани и да дојдеме до 4. место кое нè донесе до пласман во Купот на ЕХФ. Се надевам и дека од сезона во сезона ќе биде подобри. Како тренер целам кон повеќе и сакам да одиме напред, но сè ќе зависи од условите кои ги имаме во клубот. Во моментов сум задоволен од ростерот. Имаме квалитетни играчи на секоја позиција. Се надевам дека ќе напредуваме со секој нов меч. Лани кога го презедов тимот можеби бев во незавидна положба, но како одминуваше времето бевме подобри и избивме во прв план за место во плеј-офот. И сезонава исто се консолидиравме после лошиот старт и се издигнавме. Нашиот концепт е на македонски играчи и сакаме ракометарите кои се во Пролет и кои ќе доаѓаат во клубот да препознаат средина каде ќе можат да напредуваат понатаму. Ова да биде клуб кој ќе им биде отскочна даска во кариерата. Мојата девиза е дека ’Талентот треба да го имаш, но работата придонесува за големиот успех’“.

Пролет го отвори плеј-офот со многу важна победа против Бутел Скопје. Тргна добро, но потоа мораше против Металург и Вардар што е одлична подготовка за дуелот со Пелистер кој е на крајот од април.

„Победата со Бутел ни даде елан. Сепак, свесни сме дека во плеј-офот сме етикетирани како аутсајдери. Тоа не ни пречи. Би сакале другите да нè потценуваат, а на терен да го докажеме спротивното. Сакаме да напредуваме и потоа да биде само подобро. Резулатски ќе видиме дури на 2 јуни како ќе се одрази на нас. Имаме една добра хемија. Играчите се долго заедно, а со мене се веќе втора година. Полека научија што барам од нив. Знам кој колку може и знам како дишат. Знам кој што може да направи на теренот. Меѓудругото има добра хемија во екипата и се надополнуваме“, рече Матлиески.

Тој и ракометарите ќе имаат тешка задача во битката за повторување на ланскиот успех и пласманот во Купот на ЕХФ, но може да се очекуваат интересни натпревари до крајот на плеј-офот.