ИНТЕРВЈУ со Михаил Петровски: Битола може да има два силни клуба, кои ќе парираат на Вардар и Металург

Тимот на Еурофарм Работник годинава стигна до најголемиот клупски успех во Европа и стана втората македонска екипа во групната фаза од ЕХФ Купот по Струмица. Битолчани го елиминираа швајцарскиот Берн со две победи и се пласираа во групата со Хановер, Нексе Нашице и Татабања. Еден од поискусните играчи кај „фармацевтите“ е десниот бек Михаил Петровски. Тој по настапите во Унгарија, Франција, Данска и Романија, се врати во нашата земја и вели дека уште на струшкиот турнир го видел потенцијалот на неговиот тим за повисоки дострели оваа сезона.

Во интервјуто за 24Ракомет, тој говори за подготвителниот период на Еурофарм Работник, за пријателските средби, очекувањата од настапот во групната фаза на ЕХФ Купот, како и за градскиот ривал Пелистер и средбите од македонската Суперлига.

„Оваа сезона уште на турнирот во Струга дадовме одлични партии, бевме во егал со сите екипи. Се надзираше потенцијалот на оваа екипа, продолживме со исто темпо и во првенството и имавме доволно време да се подготвиме за двомечот со Берн. Искрено донекаде и го очекував пласманот во групната фаза на ЕХФ купот, иако морам да признам дека не беше ни малку лесно како што изгледаше резултатски“, започнува Петровски.

Еурофарм Работник се комплетираше само пред неколку дена кога во Битола пристигна последното засилување, Невен Стјепановиќ, кој игра на десната бековска позиција. Претходно тимот се засили со украинскиот лев бек Владислав Остроушко, како и десното крило Мирко Радовиќ.

„Со доаѓањето на Острушко, Радовиќ и Стјепановиќ, Еурофарм доби на квалитет дефинитивно, затоа што тренерот има на располагање по двајца играчи на секоја позиција. И тоа е нормално за една екипа која се натпреварува на три фронта истовремено“, смета Петровски.

Во групата од ЕХФ Купот, Еурофарм Работник ќе се соочи со Хановер од Бундес лигата, со Нексе кој сезонава го победи Загреб и со Татабања, која исто така запиша голем триумф над Веспрем.

„Ова што го кажавте доволно зборува за какви екипи се работи. Можеби пехот со повредите на некои играчи го ставија Хановер на 14 позиција во Бундес лигата. Меѓутоа во таа екипа има играчи од типот на Атман, Олсен, Бом…Победата на Татабања над Веспрем не е случајна. Таа е на само бод зад Веспрем и тоа само кажува за каква екипа се работи. Нексе е екипа која ќе води главна битка со Загреб за титулата во Хрватска и на чекор е од Ф4 од СЕХА лигата. Така да сите три екипи се навистина квалитетни“, продолжува Петровски.

Еурофарм Работник одигра седум натпревари во подготвителниот период. Оствари победи над Охрид и Спартак Суботица, а загуби два пати од Железничар, како и од Динамо Панчево, Војводина и ПИК Сегед.

„Подготвителниот период го обработивме некомплетни. Ни недостасуваа играчите што играа на светското првенство, Остроушко ни се приклучи последниот ден, Стјепановиќ не ни беше со нас, ако се додаде на тоа дека и дел од ракометарите влечеа некои ситни повреди и не настапија на некои натпревари, приморани бевме за десет дена да одиграме шест натпревари со крајно лимитиран состав. Меѓутоа тоа е само подготвителен период и пријателски натпревари каде резултатот не беше во прв план, а главното допрва следува“, вели леворакиот шутер.

„Фармацевтите“ и лани имаа шанси, но не успеаја да му го одземат второто место на составот на Металург. Но годинава имаа поконкурентен состав и се надеваат дека ќе можат да бидат учесник во СЕХА лигата наредината сезона.

„Иако има уште скоро месец и половина до плеј-офот, она што го прикажавме досега, а се надевам и во вториот дел од сезоната ќе бидеме уште подобри и поуиграни, ни дава за право да се надеваме на тоа второ место во првенството и пласман во СЕХА лигата наредната година. Јас би рекол дека овие шест натпревари од ЕХФ купот ни доаѓаат во право време, затоа што ќе играме со силни и квалитетни противници со што ќе бидеме подобро подготвени за плеј-офот“, смета Петровски.

Во битолскиот состав има петмина странци, за разлика од составите на Вардар и Металург каде главниот збор го водат играчите од надвор.

„Генерално јас сум за лимитирањето на бројот странци во една екипа. Со тоа екипите би внимавале со изборот на одредени играчи кои би го донеле како засилувања. Би се подигнал и квалитетот на самото првенство. Сведоци сме дека во македонската лига играле „странци“ кои што оставиле добар впечаток, а нажалост огромен е бројот на играчи кои дојдоа и биле најголеми промашувања во екипите. Најмногу од тоа изгубија македонските играчи“, дециден е битолчанецот.

По освојувањето на второто место во минатата сезона и играњето во Челинџ Купот во третото коло, летвичката оваа сезона е подигната и од „фармацевтите“ се очекува да одат чекор напред. Десниот бек има договор до крајот на оваа сезона, а ќе видиме дали ќе го продолжи престојот во тимот на Ѓорѓе Чирковиќ

„Па јас би ја оценил сезоната успешна со освојувањето на второто место во плеј-офот и достојно претставување во ЕХФ купот. Тука сум нешто повеќе од година дена и задоволен сум како се одвиваат работите, но сеуште е рано да кажам нешто поконкретно иако веќе се почнати начелни преговори за продолжување на соработката. Ако треба да повлечам една паралела, за разлика од една година, екипата е подобра, поискусна, поорганизирана и се надевам дека нема тука да застанеме и сеуште ќе растеме и ќе имаме уште поголеми успеси“, смета Петровски.

Десниот бек потекнува од школата на Пелистер, а сега го носи дресот на градскиот ривал Еурофарм Работник. Петровски смета дека и двата клуба од Битола, можат да бидат конкурентни на скопските тимови Вардар и Металург.

“Според мене секое ривалство на спортски план може да донесе само подобра борба и квалитет. Драго ми е што Пелистер сака да ја врати старата слава, како дете од тој клуб, јас тоа го подржувам. Тоа е за поздравување. Зошто да немаме две силни екипи од Битола? Да замислиме дека и еден силен Пелистер би влегол во групна фаза на ЕХФ, па битолската публика пред полни сали наместо 3-4, да гледа 7-8 европски натпревари, да го гледаат Вардар и Металург неколку пати во Битола, “ривалитетот” меѓу двете битолски екипи да биде празник за ракометот. Со тоа би добиле многу и самите играчи, а и ракометот воопшто”, заврши Петровски.

Првиот натпревар од групната фаза Еурофарм Работник го игра во текот на утрешниот ден од 19:30 часот против бундеслигашот Хановер.