ИНТЕРВЈУ со Бојана Јованоска: Домашните ракометарки треба повеќе да се ценат!

Таа потекнува од македонскиот расадник на ракометни имиња-Струга, а веќе неколку сезони е предводник на ракометниот клуб Прилеп. Бојана Јованоска е една од најдобрите стрелци во женската Супер Лига и неретко зад нејзиното име се запишани двоцифрен број голови.

За нејзините почетоци, за нивото на женскиот ракомет во Македонија и за идните планови, младата македонска ракометарка говори во своето интервју за 24Ракомет.

Раскажете ни повеќе за вашите почетоци?
-Ракомет почнав да тренирам на 11 години во ракометниот клуб Стружанка од Струга. Прв тренер ми беше Новко Ѓорѓиевски од кој ги научив основните движења од ракометот. Потоа предводени од тренерот Владимир Паноски освоивме второ место во младинското женско првенство и две злата во кадетска категорија. Истовремено играв во три категории, кадетска, младинска и сениорска. Имавме доста натпревари. Се сеќавам еднаш бевме дисквалификувани во младински фајнал фор, и покрај освоеното трето место, бидејќи дел од ракометарките игравме во три категории. По осум години поминати во мојот матичен клуб продолжив во Вардар, со кој настапував во Купот на ЕХФ, потоа со Куманово, играв во Челинџ Купот , а играв и за Мобидик Охрид и за Прилеп.

Кој беше виновник да почнете да се занимавате со ракомет?
– Успесите на Кометал… Моето семејство го сака ракометот. Редовно ги следиме европските, светските првенства како и Лигата на шампионите. Кога бев мала актуелен беше тимот на Кометал Ѓорче Петров. Следејќи ги успесите на клубот ми се јави желба да започнам да тренирам ракомет.

Дали отсекогаш сте играле на истата позиција, како лев бек?
– Да. Тренерот сметаше дека треба да играм на бековска позиција како лев бек, иако имав желба да сум голман. Покрај лев бек сум настапувала и како десен бек и среден бек како организатор на играта. Се случило да играм и на позиција крило.

Што е потребно за една млада ракометарка да прерасне во добра ракометарка освен тоа да поседува талент?
– Освен талентот и љубовта кон ракометот потребни се секојдневни, квалитетни тренинзи. Упорност, истрајност и верба во себе.

Дали во Македонија се работи добро со младинските категории?
– Конкретно можам да кажам за работата во младинските категории во Стружанка. Со оглед на условите мислам дека добро се работи. Резултатите се видливи. Од 2007/2008 год. до денес освоени десетина медали во кадетска и пионерска конкуренција.

Што мислите за ракометот кој се игра на македонско тло?
– Ракометот во Македонија е спорт број еден. Мислам дека се игра добар ракомет. Дури три екипи се натпреваруваат во Лигата на шампиони. Но, за разлика од женската Супер лига, машката е многу подобра и поквалитетна.

Колку е квалитетна женската Супер Лига?
– Мислам дека не е доволно квалитетна. Фактот што Супер лигата е единствена во сениорска конкуренција и бројот на постоечки клубови во Македонија кои се натпреваруваат во истата го потврдува тоа.

Имавте понуди од странство, но останавте во Македонија. Зошто го одбра Прилеп?
– Имав неколку понуди, но останав во Македонија бидејки решив да ги завршам студиите на филолошкиот факултет. Претходно веќе настапував за Прилеп.

Како може да се подигне нивото на женскиот ракомет во Македонија?
– Треба многу повеќе да се вложи. Голем број клубови згаснаа поради лоша финансиска состојба и многу ракометарки се откажаа од активно играње. Исто така сметам дека домашните ракометарки треба да се ценат повеќе.

Како гледате на пласманот на женската репрезентација на Македонија во баражот за СП?
– И покрај промените во женската репрезентација, односно нејзино подмладување, мислам дека од нив се очекуваше да се пласираат во баражот имајќи ги во предвид противниците.

Ја почуствувавте репрезентативната атмосфера во младинските категории. Македонија нема големи успеси во последниве десетина години, која е причината? Дали очекувате повик на некој следен собир на сениорската селекција?
– Во Македонија има мал број на клубови со добра финансиска поткрепа што резултира со недоволно квалитетна Супер лига. Се најдов на поширокиот список на сениорската репрезентација на 18 години. Тогашен селектор на репрезентацијата беше Јошко Петковиќ. Инаку, секако дека би сакала да бидам повикана на некој следен собир. Повик во репрезентација секако дека мотивира.

Вашиот роден град Струга отсекогаш претставувал расадник на добри ракометарки и ракометари. Зошто е тоа така?
– Струга има долга ракометна историја и традиција. Имало и сè уште има доста талентирани ракометари и ракометарки кои имаат можност да тренираат во добри ракометни школи, но условите се на ниско ниво, нема топла сала, ограничен број на слободни термини за тренинг…

Се погласни се шпекулациите за рестартирање на ракометниот клуб Стружанка. Дали некогаш размислувате да се вратите во родниот крај?
– Немам конкретна информација, но точно е дека се шпекулира за формирање на нов клуб во Струга. Ако сè функционира како што треба зошто да не.

Еден краток осврт на последното Европско Првенство во Шведска? Дали Норвешка стигна заслужено до европската титула?
– Од Европското првенство во Шведска може да се заклучи дека најдобрите репрезентации играат доста брз ракомет, практикуваат брз центар и седми играч без голман. Норвешка сосема заслужено стигна до европската титула. Покрај квалитетот и искуството на вакви големи натпреварувања, покажаа цврст карактер во решавачки моменти, иако холанѓанките се сè подобри и се приближуваат до нивото на норвешката репрезентација.

Дали имате ракометен идол? 
– Секако дека имам, унгарката Анита Горбич.

Кои се вашите планови за во иднина?

– Би сакала да играм во некоја поквалитетна лига во Европа.

ФОТО:Денис Дуковски / ЖРК Вардар