ИНТЕРВЈУ со Борко Ристовски: „Сакам да дадам на спортот, не да земам од политиката…“

Тој е „министер за одбрана“ во спортот и советник за спорт во политиката. Вклучувањето на истакнатиот македонски ракометен репрезентативец во политката и неговата промоција во советничкиот тим на ВМРО ДПМНЕ предизвика голем интерес во јавноста. Ристовски истакнува дека негова единствена цел е политиката да биде во функција на спортот како неопходен „реквизит“ во остварување на целта – создавање на национална спортска стратегија и подигнување на македонскиот спорт на едно повисоко ниво.

„Влегов во политиката за да ја извадам политиката од спортот“ ќе рече Борко Ристовски за кого и понатаму главна преокупација останува ракометот во настапите за португалска Бенфика и посебно во дресот на македонската репрезентација која деновиве стартуваше со подготовките пред настапот на Европското првенство во јануари.

И додека „младината“ во националниот состав ја одработува првата фаза од подготовките на двата контролни натпревари во Турција,  поискусните репрезентативци имаат послободни ден-два да завршат и по некоја друга обврска пред да се приклучат на тренинзите.

Што мислиш за овој малку подруг концепт на подготовки на репрезентацијата што ја практикува селекторот Данило Брестовац, со подмладен и проширен состав?

„Секој собир со репрезентација секако е позитивна работа и е плус и за поискусните и за оние помладите репрезентативци што ќе добијат една рутина во секојневното функционирање и еден начин на привикнување како е и што значи да се биде дел од репрезентацијата на Македонија. За помладите играчи секој собир и секој настап, секој тренинг е битен ако сакаат да напредуваат и да бидат подобри од она што се . Така што, се на се, секој собир го оценувам како позитивен и  сигурно дека ова ќе служи повеќе на младите да научат нешто, да добијат рутина и да се создаде една хемија во националниот тим пред Европското првенство“

Во овие подготовките пред ЕП 2020 македонската репрезентација ќе одигра многу повеќе контролни натпревари во обид да се надополни малата минутажа што ја имаат дел од репрезентативците на клупски план. Колку е тоа добитно решение?

„И најлошиот натпревар е подобар од најдобриот тренинг. Така што секој натпревар користи повеќе од кој и да било тренинг затоа што играте против противник кој го познавате, или не го познавате, настапувате со сто проценти, може и на тренинг да работите стопроцентно, но тоа не е исто. Според мене, повеќе натпревари се сигурно подобра опција за подготовки пред ЕП или СП, ако сакаме да добиеме рутина во играта. Играчите што не настапуваат доволно во своите клубови, мора да ја добијат таа неопходна рутина, без разлика дали играме со Турција, со Грузија, со Хрватска или со  Шпанија…и не е толку битно, но битно е играчите да ја добијат таа рутина на натпреварување, на подготовка за натпревари за надигрување, на рекуперација по натпреварите. Така што сето тоа е еден голем плус за секого“.

„ИДНИНАТА НА ГОЛМАНСКАТА ПОЗИЦИЈА ВО МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА Е ОСИГУРАНА“

Дали голманската позиција во македонската репрезентација е веќе добро обезбедена со приклучувањето на Мартин Томовски и на Марко Кизиќ во поширокиот состав како двајца исклучително надежни голмани од новата генерација?

„Сигурно дека и Томовски и Кизиќ имаат талент и квалитет, но според мое мислење се уште е рано за нивно фрлање во оган на големо натпреварување затоа што кога сте играч може да бидете млад, но голман е малку специфична позиција која бара и една психичка стабилност, а таа се добива единствено со многу искуство и со многу години поминати на голот, дали на репрезентативен или на клупски план. Меѓутоа, дека иднината на голманската позиција во македонската репрезентација е осигурана, тоа да. Томовски настапува одлично во Германија, од таму стигнуваат многу пофалби за него, за неговиот професионализам за неговото функционирање и однесување во германската Бундес лига. За Кизиќ не можам да кажам ништо повеќе затоа што не го познавам доволно меѓутоа од она што го знам, се работи за многу талентиран млад голман на кој сигурно му претстои блескава иднина. Мислам дека и двајцата треба што повеќе да се на собири со нас и да го соберат тоа искуство кое многу ќе им значи и за настапите во клубовите и за репрезентацијата.

-Мислиш ли дека ова репрезентација во подмладен состав ќе има доволно хемија и ќе биде доволно подготвена да го издржи притисокот што го имаат од јавноста дека навикнати сме Македонија да продолжува и дека треба да влеземе во таа втора фаза на претстојното ЕП во јануари и што би требало реално да очекуваме од настапот во Виена?

„Јавноста има големи очекувања затоа што нашата група не е толку звучна по имињата, нема ниедна од големите европски репрезентации и можеби очекувањата се донекаде и оправдани. Меѓутоа, мора да бидеме исто свесни дека ни Македонија не е ниту Шведска ниту Данска ниту Германија, така што реално, јавноста и ние сами треба да очекуваме борба на секој натпревар. Реално може да се натпреваруваме со сите тие репрезентации во групата (Чешка, Австрија, Унгарија) и имаме квалитет да ги добиеме. И доколку успееме да ги добиеме сите три натпревари во групата, тоа навистина ќе биде еден голем исчекор за оваа репрезентација. Притисокот дали ќе се издржи, тоа не можам да кажам. Тоа зависи поединечно од секој играч, меѓутоа претходно веќе кажав, секој собир со репрезентација е чекор поблиску и дава поголема сигурност да може да се носите и со пофалбите, но и со критиките. И треба сите играчи индивидуално да се подготвени и на тој момент, не само  физички за натпреварите. Мора да бидеме и психички подготвени, затоа што очекувањата се големи и не смее еден лош натпревар да не исфрли од игра, туку мора да останеме концентрирани. Ние треба да имаме цел и имаме цел и пат по кој што треба да оди оваа репрезентација. Нашиот пат е да завршиме во првиот круг со три победи, ако е тоа можно, и во вториот круг да влеземе со огромни шанси за голем успех. Но, велам, пак ќе зависи од нас. Ни оддалеку нема да биде лесно затоа што ни домаќинот Австрија, ниту пак Украина не се наивни репрезентации како што можеби изгледа на прв поглед. Дека сме поквалитетни од нив – сме. Но, има и многу други фактори што играат улога и што треба да се земат предвид. Така што, кога се ќе се собере и одземе, реално треба да очекуваме три победи . Дали ќе стигнеме до нив, не знам, но за оваа репрезентација исто така многу е важна поддршката од македонската јавност. Да не запре доколку се случи некој очекуван или неочекуван пораз, да се продолжи да се верува во оваа репрезентација затоа што навистина имаме квалитет и можам слободно да кажам дека ракометот е спортот број еден во Македонија и спортот кој сите овие години ни носел радост и еден позитивен импулс за спортот во Македонија“.

Македонија покажа едно лице против Турција и Грција на есен, сосема спротивно лице во двомечот со Исланд и повторно нешто помеѓу тие две со Турција и со Грција во последните два натпревари во квалификациите за ЕП 2020. Како да се надминат тие големи амплитуди и да се одигра, на пример, како што одигравме на оној двомеч со Исланд? Што е тоа што некогаш го има оваа репрезентација и го покажува, а некогаш го нема?

-Ако тргнете по оваа логика, тогаш не треба да се играат натпревари ни во шпанско првенство Реал Мадрид и Барселона треба да бидат шампиони и тоа да биде загарантирано. Меѓутоа во спортот не е така! Во спортот има денови кога играте добро и денови кога не играте добро. Треба цела јавност, па и новинарите да го сфатат тоа дека не може секогаш да играте најдобро и да победувате секогаш со десет гола разлика. Некогаш ќе играте најдобро и ќе победите со еден, некогаш ќе играте најлошо и ќе добиете со пет. Не може да се мерат работите и да споредуваме со овие игравме вака, а со оние така. Спортот е спорт. Македонија е многу искусна репрезентација и оваа генерација која што сме сега доволно искусно ги „хендла“ натпреварите со, условно речено, послбите репрезентации. Ние го немаме менталитетот на една Германија на пример. Германија исто игра и против Грција и против Турција и против Шпанија, значи нивниот менталитет на спортски план е број еден според мене. Меѓутоа за жал ние го немаме тој менталитет, не знам дали доаѓа до мало опуштање, дали доаѓа до недоволно респектирање на противниците, а свесни сме дека денес секој игра ракомет и ако не сте сторпроцентно посветени, секој може да ве победи. Мислам дека тука меѓу тие три мои размислувања треба да се бара и одговорот. Мислам дека сме доволно искусни да ги „хендламе“ натпреварите до победа, онолку колку што ни е доволно за да ја постигнеме целта. Може да забележите дека во ниеден момент, не беа доведени победите во прашање. Некој со тоа се носи подобро некој полошо, но македонската репрезентација има доволно квалитет и најважно е тоа што  кога некој ќе затаи, се појавува друг што ќе ја понесе репрезентацијата во моментот и така се надополнуваме. Сетоа тоа е еден огромен плус на оваа репрезентација, и тоа искуство, но и тој квалитет што го носиме како репрезентација“

„ВЛЕГОВ ВО ПОЛИТИКАТА ЗА ДА ЈА ИЗВАДАМ ПОЛИТИКАТА ОД СПОРТОТ“

Политиката како инструмент или политиката како цел? Како дојде до твојот нов политички ангажман како советник за спорт во ВМРО ДПМНЕ и што беше твојот мотив и идеја водилка да влезеш во таа сфера?

„ Имавме некои разговори со претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, едноставно размислувањата за спортот и за тоа како треба да изгледа едно модерно општество во Македонија ни се поклопија. Апсолутно се согласувам со неговата теза дека спортот треба да биде еден од носечките столбови на македонското општество и дека ние треба да градиме едно општество во кое спортот ќе има важно место, што повеќе млади луѓе да се вклучат и да водат здрав живот , да имаме здрава младина. Тоа беше еден од мотивите. Вториот мотив беше едноставно, да вратам на спортот се она што мене ми дал. Некој ќе каже – не се меша политика и спорт, меѓутоа ако сакате да направите некоја промена како може да го направите тоа, освен преку политиката? Нормално дека ви треба политика за да се подобрат условите, законите, па и размислувањата на другите луѓе кон спортот. Јас како спортист мислам дека ги знам суштински проблемите во спортот во Македонија и во македонското општество и ќе се потрудам моето искуство да го пресликам и да придонесам со една крајна цел да имаат полза само спортистите и спортот во Македонија.

Што е тоа што прво би го сменил кога би дошол во ситуација да можеш преку политиката да влијаеш за подобрување на спортот?

„Сите добро знаеме дека еден од основните услови во спортот се финансиите и следствено на тоа условите каде што тие спортисти и клубови може да ги постигнат своите резултати. Доколку немате финансии, доколку немате услови за да функционираат нормално, не може да има ни резултати. Мислам дека Законот за спорт што беше претходно е една од работите што мора да се врати под итно. Мислам дека треба да се формира тело кое што ќе биде задолжено само за спорт, што ќе ги знае суштински проблемите.

Министерство за спорт?

„Можеби, да. Треба да се разработат детално и некои други аспекти, но генерално, моите идеи се во тој правец, да се направи една институција која што ќе се базира на квалитет и што ќе биде институција на државата исклучиво наменета за спортот и за спортистите. Да функционира единствено на тој начин. Не постои друг начин освен тоа спортистите да бидат активно вклучени во секторот спорт, нормално во делот на политиката, без тоа не може ништо да направиме.

„ИМАМ СПОРТСКА КАРИЕРА, НЕМАМ АМБИЦИЈА ДА ГРАДАМ ПОЛИТИЧКА“

-Го гледаме ли Борко во некоја блиска иднина, од дрес во кравата?

„Не. Моите амбиции не се такви. Не се нафатив на ова за да градам некаква политичка кариера. Едноставно се нафатив да помогнам на спортот во Македонија преку моите искуства и преку моите идеи. Тоа е мој начин да вратам на спортот она што мене ми го даде, а тоа е се во животот. Сакам да гледам успешни спортисти од Македонија, успешни клубови што ќе функционираат во Македонија, закони што ќе овозможуваат на секоја компанија беспрекорно и без проблеми да инвестира во спортот, успешни луѓе да градат спорт…едноставно, тоа ми е идејата.“

-Но, секое влегување во политика барем досега, значело дека секој гледа некој бенефит за себе. Кој е бенефитот што Борко Ристовски го гледа со тоа што се вклучува во политика, има ли некој ќар?

„Имам ќар. Но, фала му на бога, финансискиот дел не е мојот ќар. Мојот ќар и единствена цел е да се обидам да дадам се на спортот за да го унапредам, да помогнам да го донесеме спортот на ниво каде што ќе има македонскиот спорт иднина, преку проекти и градење на политика која што ќе биде наклонета на спортот. Мислам дека мојот единствен бенефит и најголемо задоволство ќе биде ако видам дека барем 90 проценти од тоа што ми е во главата, ќе биде реализирано“

-Да се биде дел од политиката да се обидеш нешто да смениш би значело да бидеш повеќе присутен тука во Македонија. Како сега би ги усогласил твоите професионални обврски во Португалија со она што го планираш во поглед на овој друг ангажман?

„Па добро, јас сега немам функција која бара, односно за која мора да бидам секој ден во Македонија, така што сега–засега  ќе функционирам преку контакти, преку креирање на програми во кои што заедно ќе ги утврдуваме работите што може да се направат и тие што не може, интензитетот на работите. Во овој момент тоа функционира така, за понатаму, не знам, ќе видиме.“

Имаш ли поддршка во твојот нов советнички ангажман од другите спортисти кои размислуваат како тебе и кои исто така би се вклучиле или би сакале да се вклучат во целиот тој проект?

„Јас контактирам со многу спортисти и со многу други луѓе од сферата на спортот и сигурно дека сите тие на некој начин ќе бидат вклучени, директно или индиректно во создавањето на програмата на ВМРО ДПМНЕ и за тоа како треба да изгледа спортот во Македонија. Сега се собираат искуства и сознанија. Јас сум ракометар, не ги познавам другите спортови како што го познавам ракометот, не ги знам нивните суштински проблеми со кои се соочуваат секојдневно. Сега контактирам со многу спортисти од сите други спортови, собирам сознанија, бележам кој се нивните проблеми, ги согледувам нивните реални побарувања и потреби за нормално функционирање, па и за врвно. Мислам дека кога сето тоа ќе се собере, нормално во консултација со претседателот, ќе направиме една програма која што ќе биде за поддршка на сите спортови во Македонија. Ќе има спортско мапирање на Македонија во кое што ќе биде одредено кој спорт каде треба да биде поддржан од државата. Треба да има национална спортска стратегија. Не може, на пример во Битола да се форсира карате, а да се запостави она што таму најдобро функционира. Во Битола се знае што функционира – ракомет и фудбал. Или се знае дека во Радовиш не може да инвестирате во кошарка, ама затоа може да инвестирате во борење. Така што тие се некои спортски насоки по кои што ќе се движиме. Има една огромна програма која што ќе носи бенефит и само бенефит за спортот. Колку и да звучи парадоксално, јас ќе се потрудам и ќе се обидам спортот да го држам понастрана од политика, иако сум дел од политичка партија, затоа што сите овие лоши работи што ни се случуваат во делот на спортот се од мешањето на политиката и спортот и ставање на свои „љубимци“ или партиски членови на места на кои прво не го разбираат, а второ, не се ни доволно едуцирани за тоа. Или поедноставно кажано –јас на некој начин влегов во политиката за да ја извадам политиката од спортот“.

„НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА И ИНСТИТУЦИЈА  „МАЈКА“ НА СИТЕ ФЕДЕРАЦИИ И НА СИТЕ СПОРТИСТИ ВО МАКЕДОНИЈА“

-Втора сезона настапуваш за тимот на Бенфика. Како ти се погоди животот во Португалија, дали можеби требаше малку порано да отидеш? Факт е дека во последниве години ракометот во Португалија оди во нагорна линија, во последно време Порто многу напредна, значи ли тоа дека наскоро може Португалија да ја видиме во некои топ 7 во Европа?

„Не е само Порто, минатата сезона и Спортинг во ЛШ имаше многу успех, иако играа во Ц и Д групите, направија добра екипа, имаа добри резултати, беа на чекор до осминафинале. Може да се каже дека во Португалија во последниве години се инвестира многу во ракометот, во Порто, во Спортинг, кај нас во Бенфика…донесовме играчи кои што значеле и значат во европскиот ракомет. Мислам дека Португалија е една добра дестинација која е и за живот многу посакувана. Јас иако имав и други понуди од Германија, ја одбрав Бенфика и Португалија и заради начинот на живот, меѓутоа и заради квалитетот на клубот во кој што настапувам. Можам со сигурност да кажам дека Бенфика има услови на исто ниво како Барселона, на исто ниво со врвните европски клубови затоа што буквално имаме се. Истото тоа е случај и во Спортинг и  со Порто. Сите тие се фудбалски клубови кои функционираат така што буквално истото што го добива фудбалот го добива и ракометот. Така што, сигурно дека Лисабон и Бенфика беа мој полн погодок и јас сум презадоволен.“

Во твојата интернационална кариера, освен во Португалија, имаше можност да играш и во трите најсилни ракометни лиги – Германија, Франција и Шпанија, во земји и во средини каде што спортот има посебно место и во клубови кои се организациски поставени на највисоко ниво. Колку од тоа искуство може да се преслика и во спортот во Македонија, со твојот политички ангажман и со твојата заложба спортот и овде да функционира на повисоко ниво?

„Тоа е и една од поентите на мојот ангажман и една од моите цели, да се направи еден систем што ќе функционира самостојно. Да нема потреба од никакви политички интервенции, ваму или таму да помага државата, туку да има една институција која што ќе биде „мајка“ на сите федерации и на сите спортисти во Македонија, што ќе се грижи за спортот да функционира онака како што треба. Без разлика дали ќе биде тоа Министерство или ќе направиме друга институција која што ќе биде во функција на спортистите и на клубовите. Врвните клубови во светот, како што е Барселона функционираат како што функционира и една национална стратегија. Од најниски категории па се до првиот тим имаат своја стратегија знаат што прават. Можеби резултатите во подолните категории на почеток не се најсјајни, меѓутоа нивната цел ја знаат, знаат што работат и со правилна работа доаѓаат и резултатите. Тие во тој систем се само прашање на време. Еднаш кога ќе стигнат резултатите, после тоа се е тоа како фабрика, се функционира и нема отстапување, и нема никакви проблеми секогаш, со секоја промена да почнувате одново. Сега ќе дојде нов тренер, па ајде се ќе менуваме. Тие стратегии во големите клубови се над тренерите и над се. Таму се бира тренерот да се вклопи во стратегијата и да ја унапреди. Е, токму тоа сакам да пробаме да го вметнеме и тука – да има една национална стратегија и се и секој да функционира во склоп и во интерес на таа стратегија. Да нема никој над таа национална стратегија, без разлика дали се работи за политичари, спортисти или било кој. Тоа треба да функционира чисто и само во функција на спортот и за спортот.

Билјана Благоеска Петрушева