ИНТЕРВЈУ – Реваз Чантурија: Единствено им се извинувам на навивачите!

Грузискиот интернационалец бргу стана миленик на публиката, поради својата лојалност кон клубот, трпеливост, но пред се човечност и спортско однесување. Но, сега Чантурија веќе не е член на Пелистер. На неговото барање доби раскин на договорот по инцидентот со тренерот Јосиф Петковиќ на пријателскиот меч со Бутел. Многу врева се крена, вербална расправија, физички контакт… Се бараше извинување од него…

Чантурија отворено зборува за причините за заминувањето, за нетрпеливоста со Петковиќ, и кому ќе му се извини..

Пред седум години некогашниот ракометен бренд Пелистер ги доживуваше најлошите моменти во својата историја. Финансиски проблеми, недостаток од логистика и стабилни спонзори го симнаа од тронот во регуларниот шампионат на Македонија. Токму во тој период храброст беше да се носи дресот на Пелистер. Реваз Чантурија во тој период се врати во Битола да му помогне на клубот и ја доби доби довербата од најверните навивачи.

Сакам да и разјаснам на македонската јавност која мене не ме познаваат лично дека јас сум Реваз Чантурија од Грузија. Оженет во Битола, Македонија и имам ќерка од 9 години. Пристигнав во Македонија во 2004 година. Играм професионално ракомет 15 години. Сум настапувал за Металург, Вардар, Пелистер, Зомимак, па повторно Пелистер. Во мојата кариера се промениле над 30 тренери од ју-просторите и од Македонија и ако некој од нив каже дека јас некогаш не сум тренирал, сум бил проблематичен, сум бил безобразен, сум бил недисциплиниран, сум измислувал повреди, не сум го давал максимумот на натпреварите- јас ќе заминам од државата. Jа започнува својата приказна искусниот грузиски репрезентативец.

Четири години подоцна Пелистер доби стабилен партнер во општината и солидна финансиска конструкција, но се менуваа тренерите и структурите во клубот. Искусното десно крило во РК Пелистер соработувал со 13 тренери и три управни одбори, а во овие неполни три и пол години се промениле 9 тренери па така на крајот на 2018 година тренерската палка Пелистер му ја додели на искусниот српски стратег Јосиф Петковиќ.

Со  Петковиќ се познавам уште одамна, од 2008 година кога соработувавме заедно во Металург и имавме големи успеси. После 10 години еве нè пак заедно и почнавме со почит еден кон друг. Јас паметев како работи тој, пристигнува во клубот и од старт брка 4-5 играчи, има играчи кои ги гледа како животни и ѓубриња, има таканаречени „негови синови“ кои се заштитени како „бели мечки“ и оние третите со кои што води војна, овојпат со мене… Имавме натпревари со Радовиш, Струга, Охрид, а после изгубениот меч во Охрид започна сè… провокации, малтретирање… Но јас како професионалец, а поради авторитетот кој го носи позицијата тренер не му возвратав на ништо и тренирав и играв како што ми беше договорот. Но тој не застануваше со провокации и малтретирања психички, закани, навреди, неизвесност ќе те има па ќе те нема, сметам на тебе па не сметам на тебе, заслужуваш, не заслужуваш да бидиш овде… но јас ја вршев својата работа како што бев договорен со клубот.

Нетрпеливоста меѓу тренерот Јосиф Петковиќ и Чантурија својата кулминација ја имаше минатата седмица. Управата на клубот била запознаена со проблемот, но решението на проблемот го остави Пелистер без искусниот грузиски интернационалец.

Дојде крај на полусезона и јас разговарав со спортскиот директор дека ако не сум потребен и не сметаат на мене да ми кажат и да си барам свое чаре. Ми кажаа не, сè е ок, тој [н.з. Јосиф Петковиќ] само така ме мотивирал за плеј-оф… ОК. Заминав за Грузија на собир со репрезентацијата, се вратив со чиста глава и мирно и мотивирано тело и се приклучив на подготовките. 

Сепак проблемите меѓу десното крило на Пелистер и тренерот Петковиќ не се заборавиле по репрезентативната пауза.

Вториот или третиот ден повторно започна исто, провокации и валкани реченици, сфатив дека сè е исто, но дојде февруари и требаше да се почне со плеј-оф и повторно да го работам она што ми е работа.

На пријателскиот натпревар меѓу Пелистер и Бутел кулминирала нетрпеливоста меѓу тренерот и искусниот грузиски интернационалец.

Игравме со РК Струга пријателски натпревар, јас имав 7/7 и немаше што да каже. Следеше дуел против Бутел, го почнав натпреварот. Во 6. минута беше досуден пенал за нас, а претходниот ден други вежбаа шутирање пенали, се завртев и се враќав назад, не стигнав до центар и еве вика на цел глас и пак истото провокации и навредливи зборови додека да стигнам на линија за пенал и веќе знам колку е саат. Шутирам и погодувам статива, ме вади од игра веднаш и ме застанува, вика на цел глас, јас мирно одам до клупа се вртам да седнам и не ме остава, седи пред мене и се дере како што знае и умее. Му кажав „Смири се, разбрав“. Во тој момент ме турна направи еден чекор назад и започнува вулгарно да се изразува кон мене! Му возвратив на ист начин, настана мешаница и се најдов во соблекувалната. -вели Чантурија.

Решение за конфликтот со тренерот Петковиќ преминал во проблем за структурите на клубот. Навивачите го подржаа ракометарот, но управата на Пелистер застана зад тренерот. Пелистер одлучувал на управен одбор, а конечното решение за Чантурија претставувало ултиматум.

За неколку дена ме повикаа на состанок со управниот одбор, тој не дојде, заминал на одмор дома. Еден од условите беше да се извинам, а јас останав на својот став дека нема да се извинам и не гледам причина јас него да му се извинам после три и пол месеци малтретирање и мобинг врз мене кое заврши со туркање и пцуење. Потоа ги запрашав кој ми гарантира дека нема низ истото да поминувам ако се вратам, бидејќи ако се случи истото не гарантирам за мојата реакција и на крај ако немам гаранција за мир во клубот да ми дадат исписница. За 10 минути се донесе одлука дека најдобро е или да земам исписница или да бидам суспендиран, под образложение дека може да го повториме истиот инцидент ако продолжи истиот однос меѓу нас.

Популарниот „Резо“ донел одлука да ја продолжи својата ракометна приказна во друга средина. Со управата на клубот спогодбено го раскинале договорот и тој сега е слободен ракометар.

РК Пелистер ниту започнува, ниту завршува со мене или Петковиќ. Затоа во интерес на екипата се одлучив за овој чекор. Сега пред плеј-оф во клубот е потребен мир и хемија. Можев да се смирам, да се вратам и да седам до мај, да земам плата како што прават многу други ракометари. Да гледам сеир. Ама не сум таков човек и нема да го дозволам тоа. 

Најтешка одлука за Реваз е разделбата со навивачите и клупските пријатели кои во изминатите четири години имал привилегија да ги има на негова страна.

Дојде време РК Пелистер да го спасува старец кој има проблеми со нервите. Да прави шеми и да носи и брка играчи со еден бивш спортски работник од Скопје. Така што, јас се извинувам само на моите поддржувачи што овие денови ми даваа огромна поддршка и сила да се борам до крај и фала ви многу! Нормално се извинувам пред Чкембари, капа долу и се надевам дека ќе ја разберат мојата одлука, ви благодарам уште еднаш, најдобри сте! На играчите им посакувам успешна сезона, без повреди и нека се чуваат затоа што може и тие утре да се најдат на моето место. На РК Пелистер му посакувам успех и да ја исполни нивната цел, пласман во Европа. Поминав среќни и тажни моменти со нив и уште еднаш се надевам дека вистинските навивачи на Пелистер ќе ја разберат мојата одлука.-заврши Чантурија.

До првиот дуел и гостувањето на Пелистер во Радовиш има помалку од десет дена. Македонскиот шампионат влегува во пролетниот дел, а битолчани продолжува без првата опција на десно крило.