ИНТЕРВЈУ – Мартин Ивановски: Веспрем ми даде понуда, но морав да ја одбијам

Еден од најталентираните средни бекови во неговата генерација (2001) во Македонија, Мартин Ивановски летово имаше шанса да биде дел од камп на унгарскиот великан Веспрем. Тој играше за младинската екипа на неколку натпревари и покажа одлични перформанси. За неговите квалитети пишуваше и угледниот „Немзети Шпорт“. Ракометарот на Охрид, освен за младинската екипа, веќе втора година по ред игра во сениорскиот тим предводен од тренерот Горан Андоновски. Во интервјуто за 24Ракомет, Ивановски зборува за неговите почетоци во ракометот, за искуство во Веспрем, за идните предизвици…

Раскажете ни повеќе за вашите почетоци?

  • Во основно училиште на часовите по спорт најчесто игравме ракомет. Во другиот клас сите деца беа ракометари, а ние секогаш губевме од нив во меѓусебните дуели. Јас не сакав да губам, бев предизвикан и започнав да тренирам. Имаше голема конкуренција, околу 60-70 деца поделени во две групи. Одржав само еден тренинг, а веднаш потоа игравме натпревар со Струга, но јас не бев дел од првите две постави. Тогашниот тренер, а сегашен спортски директор на Охрид, Ѓоко Апостолов, ме стави во игра, дадов 7 голови и ме забележа дека сум талентиран. На следните натпревари веќе бев во првата постава. Продолжив да тренирам максимално, па откако беше пријавена пионерската екипа на Охрид во лигата на РФМ, имав настапи и бев меѓу најдобрите, иако бев 3 години помал од сите други.

Вашиот роден град Охрид, а посебно соседната Струга, отсекогаш претставувале расадник на добри ракометари и ракометарки. Зошто е тоа така?

  • Од Струга секогаш потекнувале одлични ракометари. Тие имаат голема традиција и секогаш работат одлично со младите категории. Иако во мојот роден град Охрид, малку подоцна започна работата со деца, сепак еве полека и Охрид влегува во одбрано друштво и може да се пофали дека има талентирани ракометари. Секако и тренерскиот кадар има голем удел во работата со младинските категории.

Што е потребно за една млад играч да се развие во квалитетен ракометар освен тоа да поседува талент?

  • Мојот покоен дедо секогаш ми кажуваше дека талентот е само 10-20% и ништо повеќе. За да станеш добар во тоа што сакаш да го правиш треба многу да работиш. Тренинг, тренинг и само тренинг, секако мора да се играат и натпревари. За еден млад играч да се развие во квалитетен, според мене најмногу му е потребна минутажа за да покаже што знае.

Што мислите за ракометот што се игра на македонско тло?

  • Секоја година Суперлигата е се посилна и посилна, се ангажираат квалитетни играчи во сите клубови и секој може да победи секого, ако ги исклучиме Вардар и Металург. Има многу изненадувања, што е доказ дека македонскиот ракомет напредува во сите средини. Веќе сите екипи почнаа да играат модерен и брз ракомет, сите имаат вклучено младинци во првиот тим, што исто така е позитивна работа, па и младинската лига се качува на повисоко ниво.

Дали очекувате да добиете поголема шанса во првиот тим на Охрид во претстојаната сезона?

  • Оваа сезона секако дека очекувам да добијам повеќе шанса од тренерот во првата екипа. Ланската сезона натпреварите беа потешки и нормално беше што немав поголема минутажа, но сезонава сме за една година поискусни ние младите. Очекувам дека ќе играме, а ние ќе се оддолжиме на теренот со добри партии и ќе ја оправдаме довербата што ни е дадена.

Летово бевте дел од камп на гигантот Веспрем и игравте натпревари, а унгарскиот тим ви понуди да бидете дел од тимот?

  • Летово бев дека од кампот на унгарскиот великан во ракометот, Веспрем и морам да признаам дека сум воодушевен од тоа што го видов таму. Јас играв на неколку натпревари за младинската екипа и се чини дека им оставив одличен впечаток, па веднаш ми понудија да потпишам кај нив, таму да го продолжам моето образование и да тренирам. Сепак, лани склучив договор со Охрид на четири години и не можев да заминам. Се надевам дека во иднина ќе имам прилика да заиграм за Веспрем.

Многумина млади таленти заминуваат во Вардар и Металург. Дали таму е иднината на квалитетните македонски ракометари?

  • Многу млади ракометари заминуваат да играат во главниот град и во нашите најквалитетни клубови, иако се производ на клубови од внатрешноста на Македонија. Овие два клуба имаат широки играчки ростери и дел од младите играчи не добиваат  минутажа и прилика да играат. Дури на некои им ги менуваат и природните позиции, па запираат со својот играчки развој. Од друга страна пак, условите за работа кои ги имаат овие два клуба се одлични и можат многу да допринесат во играчкиот развој на младите ракометари.

Кој е вашиот омилен клуб? Некој за кога вистински навивате…

  • Навивам за ПСЖ и многу од моето ракометно знаење што го поседувам е благодарение на нивната игра. Многу имам научено од браќата Карабатиќ, од Хансен, од Нарсис. Мислам дека нема нивни натпревар што го имам пропуштено, дури ги следам и нивните пријателски натпревари. Исто така омилен тим ми е и бундеслигашот Фленсбург.

Каде се гледате за три години?

  • Три години не се баш мал период. Најважно е да го завршам средното образование во Охрид, а за понатаму се надевам дека понудите нема да недостасуваат и ќе имам шанса уште повеќе да напредувам во кариерата.