ИНТЕРВЈУ: Братислав Илиќ и Матија Немец – Тешко се продава балкански играч во странство

Металург летово доби огромно засилување во името на Халил Јагањац. Младиот хрватски интернационалец уште во првите натпревари покажа дека ПСЖ знаел што одбира, иако таму не можеше да добие шанса покрај Карабатиќ и Хансен. Еден од најзаслужните што Јагањац дојде во Скопје е Братислав Илиќ, кој заедно со Матија Немец, се сопственици на менаџерската агенција Сан Систем. Тој во интервјуто за 24Ракомет говори за соработката со Металург, за трансферот на Јагањац, за младите играчи во Македонија, за тоа колку е тешко да се продаде еден балкански играч во странство….

Сан Систем МБ е агенција со седиште во Лесковац, која постои од 1999 година, иако своевремено беше со седиште во Прага. Работиме само со ракометари, иако јас сум и ФИБА менаџер, но ја замрзнав својата лиценца. Имав големи амбиции и со кошарката, но ракометот е мој спорт, јас го разбирам ракометот. Работиме скаутинг. Јас можам да препознаам некое дете уште по од дали ќе биде ракометар, што не е случај со кошаркарите.“ – вели Илиќ.

Клиенти во неговата агенција се најчесто балкански играчи, а колонијата годинава е проширена и со играчи од Македонија.

Најчесто работиме со балкански играчи. Веќе имаме и 7-8 македонски ракометари во нашата агенција, чии имиња не би сакале да ги објавиме. Работам заедно со колегата Матија Немец од Ријека и ги покриваме сите балкански држави. Нашите клиенти се и наши деца. Моето семејство ми забележува дека почесто зборувам со моите играчи, отколку со нив дома. – вели Илиќ.

Нивен клиент е и младиот српски интернационалец Лука Стојановиќ, кој летово дојде во Металург, но заработи тешка повреда, па договорот ќе важи од следното лето.

Лука Стојановиќ се оперираше на 14 септември, но ќе се врати на почетокот на пролетта. Јас не сум видел поголеми работници од него и од Халил Јагањац. Младиот Јагањац играше со повреда на СП за кадети и не можеше да го даде максимумот, но сега го покажува целиот свој раскошен талент.“ – задоволно коментира Илиќ.

Тој е еден од главните „виновници“, што младиот хрватски ракометар Халил Јагањац го напушти ПСЖ и дојде во Скопје.

ПСЖ вложува многу пари, но не е реално Јагањац да ги замени Хансен или Карабатиќ во овој момент. Французите не сакаа да го пуштат, ниту пак ние сакавме да оди. Но во еден момент, ПСЖ беше некоректен кон нас и кон него, па сакавме што побргу да замине оттаму. Сигурно не би напредувал повеќе во Третата Лига во Франција, отколку во Металург, каде игра во СЕХА и во Лигата на шампионите. Како врв на сето тоа е работата со Лино Червар, за кој не треба да се трошат зборови. – продолжува Илиќ.

Во однос на тешкотијата или леснотијата да се работи со балкански и западно европски клубови, Илиќ ќе искоментира:

„Во принцип е исто, помалку или повеќе да се работи со балканските и западно европските клубови. Моменталната гарнитура во Металург се луѓе со кои ние би сакале секогаш да работиме. Еве на пример, на денот кога Лука Стојановиќ се оперираше, што мене емотивно ме погоди излезе информација дека тој доби договор со Металург, што покажува колку голем клуб е, какви луѓе во моментов го водат овој тим. Тоа е ситница, но за играчот многу значи.“

На Балканот и во Европа има многу менаџери и менаџерски агенции, кои се алката меѓу играчите и клубовите.

„Имаме конкуренција на Балканот, но здравата конкуренција е можност да ја докажеме нашата супериорност. Не се занимаваме со мешетарење, имавме трнлив пат да стигнеме до овде, иако сметам дека не сме постигнале ништо, но коментарите од страна многу ни значаат… Чекор по чекор, во кариерата, ништо не доаѓа преку ноќ. Работиме само со ракометари, немаме ракометарки во агенцијата, добро е засега, нема потреба да се шириме и да се раслојуваме. Како што одиме чекор по чекор со играчите, така и нивото на агенијата го подигаме повисоко. Во договорите на некои играчи, им стои дека мораат на секој да му е насмевнат на улица, јас купувам од тие манири.“ – вели Илиќ.

Летово актуелна беше сапуницата со Немања Обрадовиќ и неговото заминување во Висла Плоцк, со двата потпишани договори, со одлуката на ЕХФ…

Многу прашина се дигна околу тоа, но мислам дека ситуацијата требаше да се реши меѓу играчот и двата клуба. Тоа можеше и многу џентламенски да се реши и беше непотребна толку фама да се дига околу тоа недоразбирање. Да сум јас менаџер на некој играч не би дозволил да дојде до таква ситуација. Постојат договори и тоа е тоа, ние вниманваме на сите детали, а и доколку би имале, но тоа го сечеме од корен. Се додека ЕХФ не почне да им издава лиценци на агентите, ќе имаме слични случаи. – коментира Илиќ.

Долг е патот на продажба на еден играч од балканските простори во некој од странските клубови. Потрошено време, потрошени многу пари…

Многу е тешко еден играч од балканските играчи да се продаде во странство. Еве конкретно со последниот Шпенде, од Марибор во Порто. Тој кога беше во јуниорските денови, беше рамо до рамо со Мачковшек, беше и на прагот на репрезентацијата. Кога играше во Горење пред две сезони, практично беше на крајот на кариерата, некои одлуки што ги имаше претходно влијаеа на него. Од Горење премина во Марибор. Многу средства беа потребни, многу патувања до Марибор и назад, но еве дојде трансфер, наскоро и камбек во репрезентација. Многу сме горди, што еден таков играч практично од бездна го доведовме до трансфер во Порто, каде што треба да биде прв лев бек. – задоволно коментира Илиќ.

За тоа дали Македонија има надеж во ракометот по заминувањето на актуелната генерација, Илиќ ќе каже:

Македонија нема за што да се плаши. Според мене Македонија е на рамниште со Словенија и Хрватска, што се однесува до младите таленти. Македонската публика е навикната на успех, ракометот е број 1 во вашата држава и немате потреба да стравувате за иднината.“ – завршува Илиќ.

Менаџерската агенција Сан Систем на чело со Братислав Илиќ и Матија Немец е дел од новата приказна за ракометот. Нивната енергија и посветеност внесуваат нова димензија во клупскиот ракомет, кроејќи ја судбината не само на клубовите туку и на ракометните таленти.