Зошто француската лига е една од најквалитетните ракометни натпреварувања во светот?

Веднаш зад германската Бундеслига во последните неколку сезони суверено стои францускиот ракометен шампионат. По распадот на голем број екипи и финансиската криза во останатите клубови во Шпанија, АСОБАЛ одамна го изгуби чекорот со Франција и Германија.

Германија покрај големата петорка има просечни клубови со значително помали буџети но тоа не им пречи на ракометните вљубеници, од година во година се помасовно да ги следат натпреварите во Бундеслигата. Таа карактеристика надополнета со неизвесноста на минатогодишната сезона ја издвојува Германија како лидер во клубскиот ракомет.

Франција одсекогаш имала квалитетни ракометни екипи, кои биле во врвот на европските купови, посебно оние од понизок ранг. Монпеље е веројатно најзвучната екипа и долгодишен предизвик за најсилните тимови во Европа. Но со огромниот успех на машката сениорска репрезентација и влезот на катарските спонзори во проектот Париз Сент Жермен нивото на домашната лига се подигна на друг ранг. Поради апсурдните суми кои катарците ги трошат на засилувања и буџет од 15 милиони евра веќе во третата година од постоење на клубот, француската ракометна структура се разбранува. Желбата да се натпреваруваат со најголемите ѕвезди на ракометот, потикнати од огромната мотивација да се совлада еден гигант како ПСЖ беа мотив и инспирација за француските ракометни мецени. Нивото на организација во клубовите е на највисок степен, а екипата со најмал буџет во француската лига „тежи“ 1,88 милиони што ги прави поскап тим од македонскиот шампион Металург.

Со пристигнување на ПСЖ не застана приказната на Монпеље, иако со двојно помал буџет од околу 7,4 милиони евра тие сеуште се во врвот на европскиот ракомет, што ќе го покажат и оваа година со настапите во Лигата на шампиони. Најголемот изненадување во последните неколку сезони секако е екипата на актуелниот француски шампион Данкерк. Со буџет од „само“ 4,5 милиони евра, трипати помал од ПСЖ, успеа со квалитетна игра и просечен ракометен арсенал да ги изненади гигантите и сите ракометни познавачи и експерти. Екипата на Данкерк веќе постави нови стандарди во француската лига, веќе неможе однапред да се прогласи шампионот на Франција без разлика што во пресметките се вклучени имињата на Нарцис, Омејер, Хансен, Вори Абало, Часар или Aкамбре од супертимот на ПСЖ. Данкерк им го покажа патот на останатите екипи со помали буџети дека со добра работа, желба и поддршка од ракометната публика не постои тим кој не може да биде поразен.

Преку графички приказ ви ги презентираме буџетите на сите екипи од француската лига за 2014/2015. Четири екипи имаат на располагање на 4 милиони евра, 6 екипи имаат проектиран буџет од над 3 милиони, а останатите четири клубови се со буџет меѓу 1,88 и 2,75 милиони евра.

budzet-francija-15

Вкупниот тимски буџет во француската лига е околу 58 милиони евра.