Зомимак М ја отвора евро-сезоната за македонските клубови

Струмички Зомимак М е првиот македонски клуб кој ја отвора евро-сезоната. Вечерва во првиот натпревар во рамките на првото елиминациско коло од Купот на Ехф од 18:00 часот, струмичани му гостуваат на полски Горник Забже.

Полскиот тим е исклучително тежок противник, но екипата на Зомимак оптимистички влегува во овој двомеч, со желба да се пласира во групната фаза во Купот на ЕХФ.

Капитенот на Зомимак М, Златко Везенковски ја респектира екипата на Горник Забже, но истакнува дека неговата екипа ќе се бори до самиот крај да го елиминира полскиот претставник:

Оваа година ќе биде многу потешко да дојдеме до групите, иако секако тоа останува наша основна цел. Но, овој пат уште на стартот од елиминациските рунди се соочуваме со силен противник во екипата на Горник во која има четворица полски репрезентативци. Но, ние секако не се предавеме. Одиме на комплетно надигрување уште во Полска и желба за позитивен резултат кој ќе не остави во игра за реваншот.

Реванш натпреварот е закажан за 13 септември со почеток во 19:00 часот во спортската сала ”Парк” во Струмица.